Македонија

Јовески: До крајот на денот треба да заврши преземањето на предметите од СЈО

13. септември 2019 - 14:16 | МИА

Скопје, 13 септември 2019 (МИА) – Изутринава е почнат процесот на преземање на предметите од надлежност на СЈО во надлежност на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и очекувам до крајот на денот процесот на преземање на предметите да заврши, изјави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Посочи дека од следната недела ќе продолжат техничките детали на споредување на пописите на списи со содржината на списите во секој конкретен предмет.

-По преземањето на предметите во надлежност на ова Обвинителство тие се оставени натаму кај јавниот обвинител кој дотогаш постапувал по предметот, рече Јовески одговарајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на твининг-проект што ќе обезбеди поддршка за Јавното обвинителство, министерствата за правда и за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа во зајакнувањето на истражните центри.

Обвинителството, истакна, дополнително ќе утврди во следните денови кој ќе постапува по предметите.

– Ќе определиме за секој поединечен предмет кое Обвинителство конкретно е надлежно стварно и месно да постапува по тој предмет и кој обвинител ќе го застапува конкретниот предмет, додаде Јовески.

На прашањето што ќе биде со рочиштата кои во меѓувреме се закажани, Јовески дециден дека можеби ден – два тие рочишта ќе се одложат, но, какошто посочи, ќе им дадат приоритет на распределбата на предметите кои сега се во фаза на судење или треба Обвинителството да преземе некои итни, неодложни дејствија по тие предмети.

-Ние ги преземаме предметите кои се во судска постапка, ги преземаме предметите кои се во фаза на истрага и предистрага. Познато е дека има веќе став на судовите дека тие докази ги прифаќаат како докази и ние ќе ги користиме натаму во постапката, но сепак разбирам дека одбраната може да има и поинакво гледање на нивната валидност и затоа судовите во конкретниот процес ќе носат соодветни одлуки, истакна Јовески.

Државниот јавен обвинител очекува Советот на јавни обвинители во најскоро време да го реши статусот на обвинителите од СЈО.

-Сите обвинители кои се во СЈО, односно полномошници на специјалниот јавен обвинител нивните функции од обвинителствата од кои дошле мируваат и мислам дека имаат тие такви решенија и прашањето за извршување на нивната функција е во надлежност на Советот на јавните обвинители. Јас очекувам дека Советот на јавни обвинители во најскоро време ќе го реши нивниот статус дали тие ќе се вратат од функциите во обвинителството од кое што дошле, рече Јовески.

Во врска со комуникацијата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со обвинителите од СЈО и со ЈОРСМ, Јовески рече дека имало невистини околу тоа.

– Еве да потврдам дека се работи за три писма, едно упатено до обвинителите во СЈО и две упатени до ЈОРСМ. Ние не се сомневаме во вистинитоста на тие писма затоа што таа комуникација се остварува преку казнено – поправната установа, во конкретниов случај затворот „Скопје“ и преку судијата на претходна постапка, во случајот судијата на Основниот кривичен суд Скопје. Тоа прашање е во надлежност на обвинителот кој го води предметот. Премногу е рано да се разговара за тоа прашање. Се разбира, доколку обвинителот наоѓа дека има основи за продолжување на мерката притвор претпоставувам дека ќе бара продолжување. Но, со ова не сакам да ги прејудицирам нашите натамошни чекори бидејќи за тоа, повторно ќе речам, е надлежност на обвинителот кој го води предметот, рече Јовески.

Коментирај