Живот

Југоносталгија: Како изгледаше еден работен ден на Тито?

25. мај 2018 - 12:16 | А.С.

На денешен ден, 25 мај, во поранешна Југославија се славеше Денот на младоста. Во духот на југоносталгијата, хрватскиот портал Index.hr во соработка со Yugopapir потсетува на текстови објавени во 1972 година во кои се опишува како изгледал еден работен ден на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито.

Мај, 1972: Советникот на претседателот за медиуми, Блажо Мандиќ, преку овие прилози опишува некои детали за работниот ден на претседателот и амбиентот во кој работи другарот Тито:

Многу странски новинари, уредници на ТВ-програми и филмски режисери ни се обраќаат со молба да им се овозможи подготвување на репортажа, ТВ-емисија или филм на тема – работниот ден на претседателот на Републиката.

Се чини дека во овие идеи има и шаблон, што инаку го нема во ниту еден работен ден на Тито, бидејќи во секој ден има посебна програма. Извесен, помалку или повеќе востановен ред, секако постои. И само за тоа може да станува збор.

Тито станува рано – неговиот работен ден почнува во 6 часот наутро. Тоа му е долгогодишна навика. Сеедно е дали е во Белград, на Бриони или на друго место.

Со утринското црно еспресо што сам си го прави, ги чита утринските весници. Кога е во Белград, тоа се „Борба“ и „Политика“, доцните изданија на вечерните весници и неделните публикации што излегуваат тоа утро. Тука секако е билтенот на „Танјуг“ со итни информации. Во текот на денот наоѓа време да ги погледне и весниците и периодичните изданија што доаѓаат од целата република.

По кратка прошетка низ градината, пред појадокот што обично е во околу 8:30 часот, Тито влегува во неговиот работен кабинет. Тука го чекаат многу предмети, информации, работни укази, закони и други документи за потпис. Главно, тоа се документи што стигнале доцна вечерта или рано утрото.

Овие документи не остануваат долго на работната маса на другарот Тито. Тој брзо ги сработува и не сака да трга од бирото документи што не ги завршил. Истото важи и за книги што уште ги користи.

„Сѐ што е во тековна работа“, рече тој во една прилика, „сакам да ми биде пред очи, на дофат, бидејќи нешто може да го покријат нови работи, да остане на дното на фиоката, да се заборави...“

Меѓу 9 и 12 часот обично се обавуваат приеми, состаноци и разговори. Со дел од овие активности јавноста се запознава преку објави во печатените медиуми, радио и телевизија. Тоа се приеми на делегации и личности од нашата земја. Потоа се сретнува и разговара со државници и делегации во посета на Југославија, па приеми на амбасадори акредитирани во нашата земја. Вестите, по некој востановен протоколарен обичај, честопати се штури, но содржината на тие разговори не е протоколарна. Тоа е секогаш жив и непосреден разговор.

Во 13 часот е ручекот. Многу често претседателот Тито и Јованка Броз ги задржуваат нивните гости на ручек. Тоа е време кога разговорот продолжува и ни на ручек нема вистинско опуштање.

По ручекот следи одмор од час-два, зависи кога-како. Кога Тито оди да легне, без разлика дали е дома или на пат, со сигурност може да се очекува дека за брзо време ќе се појави. Но, се знае дека тоа не било излежување, туку баш спиење. Тито брзо заспива, благодарение на интензивната работа, добрите нерви и цврстата волја. На тој начин за кратко време му се враќаат свежината и енергијата.

Остатокот од слободното попладне Тито го поминува во активен одмор. Често оди во фотолабораторијата да развие некој филм или да направи копии. Сам изработува фотографии во боја и тоа квалитетни.

Сепак, ова време најчесто го поминува во читање. Тито ги сака светските класици. Неодамна, на Сеамот на книга во Белград, рече дека сака да го чита, по втор и по трет пат, она што порано го читал, за да го спореди доживувањето на делото некогаш и сега.

До вечерата, за која е резервиран термин околу 19 часот, обично траат попладневните приеми и работни состаноци. Навечер, кога е тоа возможно, не се пропушта проекција на филм со мал проектор. Тито сака акциони филмови, но гледа и други жанрови. Вели дека тоа го одмара.

На крај следи уште еден брифинг со најитните информации. Понекогаш е доволно да ги погледне овие документи „од нога“, но се случува и уште еднаш во работниот ден да седне на бирото и да работи.

Целиот текст прочитајте го ТУКА.

Коментирај