Скопје, 18 октомври 2019 (МИА) – Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер на прес-конференција по завршувањето на дводневниот Самитот на ЕУ во Брисел рече дека не отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е историска грешка.
– Овде не станува збор за тоа дали земјите се подготвени за влез во ЕУ, туку дали кандидатите ги исполнија условите за почеток на преговори. Многу земји сметаа дека немало таква подготвеност. Јас мислам дека тоа е историска грешка, изјави Јункер, изразувајќи голема разочараност од резултатот за проширувањето.
На прашањето кои се последиците доколку ова е почеток на крајот на процесот на проширување на ЕУ, Јункер рече ако ова е крај на проширувањето треба да се соочиме со сериозни критики.
– Ние ги охрабрувавме овие земји, им помагавме и ги посетувавме овие земји и дававме јавни ветувања на овие земји. Ако сакаме да бидеме почитувани ние мора да ги одржуваме нашите ветувања, изјави Јункер.