Фудбал
КОПА ИТАЛИЈА 2019/20

Јуве со спорен пенал се спаси од пораз кај Милан

14. февруари 2020 - 8:35 | Ф.З.

„Росонерите“ се лути на главниот судија кој дури и по прегледувањето на ВАР одлучи со пенал со судиското надополнување да му даде шанса на Јувентус да избегне пораз.

Еден навидум интересен натпревар заврши со судиска лакрдија. Милан пропушти шанса да триумфира на првиот полуфинален натпревар губејќи го водството во судиското надополнување.

Откако првиот дел заврши без голови, со малку шанси од кои повеќето за домаќините и покрај тоа што контролата ја имаа гостите од Торино, второто полувреме донесе повеќе неизвесност.

Во 61. минута Саму Кастиљехо нафрли во гостинскиот шестнаесетник, топката беше превисока за Златан Ибрахимовиќ, но зад него налета Анте Ребиќ кој со десна од прва ја затресе мрежата на Џиџи Буфон.

Десет минути подоцна Милан остана со играч помалку откако Тео Ернандес заработи втор жолт картон по еден несмасен старт над Пауло Дибала. Французинот не само што влезе со хокеарски бодичек, туку и го згазна Аргентинецот и оправдано акумулираше втор жолт.

Милан оддолеваше држејќи го минималното водство, но една несреќна ситуација во 89. минута ја урна нивната победа. Кристијано Роналдо со ножички проба да се закани кој домашниот голман, а топката го погоди во раката Алесио Ромањоли кој беше и свртен со грб и во скок.

Главниот судија Паоло Валери се консултираше со ВАР, а и покрај тоа што се работеше за слободен пад, односно за рака во природна положба која според новите правила на ФИФА не се суди, тој покажа на белата точна на огромно негодување на полниот „Сан Сиро“.

Роналдо беше сигурен егзекутор и го постигна дури осмиот гол од белата точка сезонава.

Реваншот во Торино е закажан за 4 март.

Коментирај