Фудбал

Јувентус ќе „реновира“ летово: Алегри останува, три ѕвезди заминуваат

29. април 2019 - 17:00 | К.З.

Со доаѓањето на Кристијано Роналдо во Торино, главната цел на Јувентус се промени и сега клубот е далеку поамбициозен. Надежите за освојување на Лигата на шампионите оваа година се срушија прерано, со пораз во четвртфиналето од Ајакс, но следната година италијанскиот шампион има намера да се врати посилен и „реновиран“.

По крајот на натпреварот против Интер, тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, изјави дека ќе седи на клупата на торинскиот клуб и наредната сезона. Со оваа најава тој им стави крај на шпекулациите дека на лето ќе си бара нов клуб.

За разлика од Алегри, неколку играчи нема да се вратат во дресот на Јувентус и следната сезона. Клубот има намера да се подобри, а за да го направи тоа ќе мора да продаде неколку од актуелните играчи и да потпише нови фудбалери кои ќе им го остварат долгогодишниот сон на навивачите – освојување на Лигата на шампионите.

Италијанскиот весник Gazzetta dello Sport пишува дека Миралем Пјаниќ скоро сигурно ќе го напушти клубот летово, а покрај него истото ќе го направат Пауло Дибала и Даглас Коста. Босанскиот плејмејкер е мета на ПСЖ веќе некое време, бидејќи францускиот шампион има сериозни проблеми во средината на теренот.

Тој би можел да си замине за сума од околу 70 милиони евра, а Јувентус веќе ја пронајде неговата замена во Арон Ремзи, кој ќе пристигне во Торино како слободен агент. Клубот сака да се ослободи од Пјаниќ поради клаузулата во неговиот договор, која вели дека неговата плата од следната сезона ќе скокне на 6,5 милиони – пари кои Јувентус би сакал да ги заштеди.

Gazzetta јавува дека цената за Даглас Коста ќе изнесува околу 40-50 милиони евра, додека Пауло Дибала би можел да се пресели во Тотенхем, Барселона или пак Интер, доколку миланскиот клуб прифати размена со Јувентус за Мауро Икарди.

Коментирај