Првата јужнокорејска лунарна сонда испрати импресивни фотографии од Земјата и нејзиниот единствен природен сателит.

Корејскиот Pathfinder Lunar Orbiter започна да орбитира околу Месечината во декември, откако вселенското летало беше лансирано со ракетата Falcon 9 на SpaceX од Кејп Канаверал на Флорида минатиот август.
Името Danuri за сондата го избраа граѓаните на Јужна Кореја, а е составено од корејските зборови „месечина“ и „уживање“. Ќе орбитира околу Месечината 11 месеци, а сега испрати навистина одлични црно-бели фотографии од Месечината и Земјата. Орбитерот лета на растојание од 100 километри над месечевата површина.

Податоците што ги собира орбитерот ќе се користат за идни истражувања, вклучувајќи ја и програмата Artemis, чија цел е да однесе луѓе на лунарниот јужен пол кон крајот на 2024 година. Фотографиите од сондата би можеле да помогнат во изборот на места за слетување за Artemis мисиите, како и да се мапираат ресурсите како што е водата.
Јужна Кореја во 2021 година потпиша договор и соработува со американската вселенска агенција НАСА за истражување на Месечината. Сондата содржи шест инструменти, вклучувајќи ја и камерата ShadowCam финансирана од НАСА, развиена од Државниот универзитет во Аризона.

Универзитетите и истражувачките институти во Јужна Кореја развија камера со висока резолуција за извидување идни локации за слетување, поларизирана камера за анализа на површински честички, инструмент за мерење на лунарните магнетни полиња и гама воздушен спектрометар за да се идентификуваат елементите на месечевата површина.
Главната цел на ShadowCam е да снима фотографии од региони кои постојано се наоѓаат во сенка и се наоѓаат во близина на лунарните полови, што ќе им помогне на истражувачите во потрагата по мраз, при мапирање теренот и следењето на сезонските промени.

ShadowCam е неколку стотици пати почувствителен од камерите на Lunar Reconnaissance Oribiter на НАСА, што му овозможува и да снима подетални фотографии во неверојатно темни услови.
Сондата неодамна ја искористи ShadowCam за да ѕирне во кратерот Шеклтон, еден од трајно темните области на површината на Месечината. На овој начин таа ја „откри“ неговата внатрешност, вклучувајќи ја и самата површина и трагите што ги оставиле карпите додека пропаѓале во кратерот.

Јужнокорејските експерти од Корејскиот воздухопловно-вселенски истражувачки институт (КАРИ) сметаат дека орбитарот Danuri е првиот чекор во тестирањето на можноста за вселенско истражување.
САД, Русија, Јапонија, Кина, Европската Унија и Индија исто така испратија мисии на Месечината.
