Огромен астероид, 2024 YR4, предизвика глобална загриженост со оглед на тоа што научниците на НАСА предупредуваат дека би можел да се судри со Земјата во 2032 година.

Дејвид Ранкин, инженер од опсерваторијата Catalina Sky Survey, која ја финансира НАСА, мапираше таканаречен коридор на ризик врз основа на проектираната патека на тој астероид.
Ако наведениот астероид удри во Земјата, тоа би можело да се случи во регион кој се протега од северот на Јужна Америка преку Пацификот до супсахарска Африка и Азија. Загрозени градови се Ченаи во Индија и островот Хаинан во Кина. НАСА моментално ги проценува претходно наведените со 2,1% шанси за удар во 2032 година.
Со дијаметар кој достигнува 90 метри, 2024 YR4 по големина може да се спореди со Статуата на слободата. Ударот би можел да предизвика експлозија до осум мегатони ТНТ, односно повеќе од 500 пати поголема од силата на атомската бомба фрлена на Хирошима.
Астероидот првпат е откриен во декември 2024 година и сега е рангиран како најризичен на списокот на закани на НАСА и Европската вселенска агенција (ESA). Тој е единствениот голем астероид со веројатност за судир поголема од 1%, кој доби ретка оценка три на Торинската скала. Единствениот друг астероид кој доби таква оценка беше астероидот 99942 Apophis.
Пресметките на д-р Ранкин сугерираат дека во случај на удар на астероидот, држави кои се под ризик вклучуваат Индија, Пакистан, Бангладеш, Етиопија, Судан, Нигерија, Венецуела, Колумбија и Еквадор. Меѓутоа, прецизните предвидувања за можниот удар сè уште се предизвик. За попрецизно одредување потребни се радарски набљудувања, а тие моментално не се можни, истакна Ранкин за Space.com.
Ударот би можело да наликува на настанот во Тунгузија, уште од далечната 1908 година, кој срамни 80 милиони стебла на 2150 квадратни километри. Научниците проценуваат експлозија од дури 15 мегатони, која може да срамни згради и да предизвика смрт на оддалеченост до 18,9 километри од местото на ударот.
НАСА и ESA планираат да ги подобрат своите предвидувања со помош на напредни телескопи, вклучувајќи го и вселенскиот телескоп James Webb (JWST). Претстојното блиско прелетување на астероидот во март годинава, на осум милиони километри од Земјата, ќе понуди дополнителни податоци. Одделна симулација сугерира дека постои шанса еден спрема 333, 2024 YR4 да удри во Месечината, со видлива експлозија, но не и директна закана за Земјата.