Живот

Каде ќе биде изложена најскапата слика на светот?

7. декември 2017 - 17:56 | А.С.

Сликата на Леонардо да Винчи што во ноември беше продадена на аукција во „Christie's“ за рекордни 450,3 милиони долари, сега има нов дом.

„Salvator Mundi (Спасител на светот) стигнува во Лувр Абу Даби“, соопшти оваа културна установа на Twiiter, без да нагласи кој е новиот сопственик и кој ќе биде точниот датум на изложување на сликата.

Новиот сопственик на сликата наводно е саудискиот принц Бадер бин Абдула бин Мохамед бин Фархан ал-Сауд. За него не е познато дали е колекционер на уметнички дела и колкаво е неговото богатство.

Научниците сметаат дека сликата во техника масло на платно на која е прикажан Исус Христос како држи кристална топка во левата рака, е една од само неколку зачувани слики на Да Винчи, пет века по неговата смрт.

Сликата на која мистериозниот поглед на Исус се споредува со мистериозната насмевка на Мона Лиза, била во сопственост на англиски кралеви и војводи, а потоа исчезнала.

Платното повторно се појавило во 1900 година кога го купил еден британски колекционер. Во тоа време се сметало дека сликата е дело на некој од учениците на Да Винчи, а не на големиот мајстор.

Сликата била продадена за 45 фунти во 1958 година, пред да биде утврдено дека станува збор за дело на Да Винчи. Потоа била продадена во 2005 година кога била делумно оштетена, но била реставрирана на барање на конзорциум трговци со уметнички дела кои дале најмалку 10.000 долари за обнова на сликата.

Музејот Лувр во Абу Даби, каде ќе биде изложена најскапата слика на светот, беше отворен на 11 ноември годинава по десетгодишна изградба.

За разлика од други музеи, кои ги изложуваат делата по одредена класификација, стилови или цивилизации, музејот во Абу Даби ќе истакнува универзални теми и заедничките влијанија меѓу цивилизациите.

Коментирај