Ракомет
КАДЕТСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО СКОПЈЕ 2019

Кадетите елиминирани од Португалија, денеска реванш со Аргентина

15. август 2019 - 10:27 | Ф.З.

Македонската У19 ракометна репрезентација не успеа да ја мине силната Португалија откако синоќа во тесна битка загуби со 29:25.

Иако на крајот резултатот беше четири разлика во полза на Португалците, нашите млади ракометари беа достоен противник во текот на целиот натпревар. Едноставно Португалија беше подобра, а тоа го покажа и до сега откако во групната фаза беше перфектна.

На полувреме Македонците заминаа со негатива од три разлика (15:12), а во вториот дел се играше и тоа како израмнето. Гостинскиот голман Алешандре Магаљајш се истакна со 15 одбрани, најдобар на паркетот беше Жоел Рибејру, а најмногу голови постигна Мартин Серафимов (9).

Португалија во четвртфиналето ја чека битка со Фрнација, додека Македонија веќе денеска (16.15 часот) ќе игра против Аргентина за пласман на 13. или 14. место. Тоа ќе биде и шанса за реванш откако Аргентинците нѐ совладаа на отворањето.

Коментирај