И покрај високиот пораз Македонија како четврта се пласираше во осмина-финалето каде ќе игра против изненадувањето Португалија.
Младите ракометари имаа императив победа против азискиот вице-шампион за да завршат втори во Групата Ц, но на крајот доживеаја убедлив пораз.
Македонците лошо го почнаа натпреварот и првиот гол го постигнаа дури во 10-тата минута кога Јапонија веќе имаше водство од 6:0. Натаму нашите ракометари беа рамноправни, но штетата веќе беше ненадоместлива па на полувреме Јапонците заминаа со водство од 16:11.
Во вториот дел темпото продолжи, Македонија проба да се доближи, но серијата утки направија Јапонија да ја зголеми разликата и на крајот да триумфира со 9 голови разлика (31:22) запишувајќи ја четвртата победа.
Во нашиот тим најефикасен беше Ненад Костески со 8 гола, додека кај противникот беше Харута Таисеи со 5. По групната фаза најдобар стрелец на турнирот е токму Костески со вкупно 40 голови.
конечна табела:
1. Данска 10
2. Јапонија 8
3. Аргентина 6
4. Македонија 4
5. Бахреин 2
6. Нигерија 0
Како четврто-пласирана Македонија помина во нокаут-фазата каде ќе се сретне со изненадувањето Португалија која беше убедлива во групата Д завршувајќи пред Германија. Натпреварот ќе се игра утре од 20.45 часот во „Борис Трајковски“.