Живот

Кафеави мечиња фотографирани во Националниот парк Маврово

19. јули 2019 - 10:18 | А.С.

Националниот парк Маврово на својата Facebook страница утрово објави фотографија две младенчиња од видот кафеава мечка, направена со помош на фотозамки.

Ова е реализирано во рамките на проектот за закрепнување на Балканскиот Рис што се остварува во соработка со Македонско Еколошко Друштво.

Пред една недела беше објавена ретка фотографија на Балкански рис снимена во Националниот парк Маврово.

Кафеавата мечка во Северна Македонија претежно живее во планинските области од западниот, централниот и јужниот дел на земјата, а повремено се јавува и во источните краишта. Бројната состојба е значајно подобрена во последните години, од 151 единка во 2010 на 471 единка во 2014 г.

Кафеавата мечка (Ursus arctos) е цицач од фамилијата Ursidae и возрасен примерок тежи помеѓу 100 и 700 кг.

Овој вид најмногу се храни со храна од растително потекло, корења и печурки. Рибите им се главен извор на месо, но јадат и помали цицачи. Возрасна кафеава мечка нема сериозна конкуренција од другите предатори и лесно може да се спротистави на волци и големи мачки.

Коментирај