РАЗГОВАРАВМЕ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО И АДМИНИСТРАЦИЈА

КАЈГАНА интервју со министерот Дамјан Манчевски: Никој не треба да живее од и за политиката

Министерот Дамјан Манчевски е непосреден, пристапен, разговорлив. Откако во 2017 година беше назначен да раководи со Министерството за информатичко општество и администрација во македонската влада, 41-годишниот електроинженер, сопруг, татко на две деца и ревносен поклоник на здравиот начин на живот, остава трага како функционер на новото време.

Доменот на неговото министерство е иднината, дигиталното доба кон кое се стремиме и кое нѐ очекува, но она што тој лично го внесува во функцијата е еден поинаков вид на гледање во иднината – еднаквиот пристап до модерните технологии, стекнувањето вештини за иднината и залагањето за полова рамноправност во неговиот домен, но и во секој аспект на живеењето.

Сите овие теми беа повод да поразговараме со министерот Манчевски кој отворено зборуваше за достигнувањата и ограничувањата на функцијата, за наоѓањето време за себе, но и за неговите замисли за иднината.

Неодамна се сретнавте со членовите на тимот „Space Walkers“, по големиот успех и освоеното второ место на првиот меѓународен  FIRST LEGO League настан, кој се одржа во Либан. Стануваше збор за натпревар во едукативна роботика кој се одржува во повеќе од 98 земји, а оваа година учествува 40.000 тимови. По средбата со Јован, Марко, Симон, Иван, Габриел, Лука, Стефан, Мина, Матеј, Лео, Давид - ученици од петто до деветто одделение во неколку основни училишта во Скопје -  рековте дека „Иднината на нашата земја се најмладите, а преку иновативни проекти од овој тип се развиваат младите умови и се поттикнува нивната креативност. Наша обврска и должност како држава е да им бидеме партнер и помош во тој процес“. Во таа насока, дали имате конкретни планови за идентификување на младите генијалци во оваа област на што е можно помлада возраст и на кој начин планирате Министерството да го помага нивното образование и дообразување?

Сосема случајно испадна дека баш годинава кај нас се организираше таа First Lego лига за роботика на основа на лего системи. Значи имаше национален натпревар, па победија, па регионален, па продолжија и стигнаа до светско првенство и ги следев цело време. На крај Владата им помогна нешто симболично за да може да стигнат таму и да учествуваат и да земат награда.

Гледаме и знаеме дека децата кај нас имаат потенцијал и ние веќе со поддршка на Британскиот совет обезбедивме за оваа година „микробит“ уреди што се поврзуваат на компјутери на кои деца во основните училишта на возраст од 9 до 14 години ќе се учат да кодираат. И тоа е буквално основата за да знаат програмирање во иднина, кодирање, критичко размислување, ги учиме да размислуваат така од најмала возраст, па оттука да почнат за да може во иднина да развиваат уште понапредни вештини. 

Да бидам искрен, кога го зедов уредот прв пат, јас сум електроинженер, не сум програмер, ми требаше малку време, не е така едноставно... и затоа е многу важно децата од намала возраст да се учат на таков тип на размислување. Тоа беше британски проект, тие ги финансираа уредите, сега ние од наша страна ќе обезбедиме соодветни компјутери во училиштата – ова не значи компјутер за секое дете, бидејќи не верувам во таков проект бидејќи се покажа дека не е успешен и застаруваат технологиите – но, ќе се обезбедат еден до два кабинети каде ќе може да се користат овие „микробит“ уреди и навистина сметам дека со тоа сериозно ќе дадеме поттик за сите деца од цела држава за да ги насочиме кон кодирање, кон IT технологии, кон таков начин на размислување, и многу голем дел од нив ќе се вклучат и во ваков тип на натпревари. Секако, останува нашата поддршка за секој тип на екипа што ќе се пласира на ваков вид на меѓународен натпревар. Пристапот до овие уреди ќе биде еднаков за сите деца. Лани имаше пилот проект во четири општини, многу беше успешен, а сега веќе се обезбеди за сите деца.

Вашиот Кабинет содржи најголем број жени во својот состав, а во март, 2018 година рековте дека „ние како левоориентирана влада мора да го поттикнеме процесот на борба за еднаквост на сите и меѓу половите“. Исто така ќе остане запаметена Вашата изјава дека нема да прифаќате да биде дел од ниту една конференција, дебата или панел-дискусија каде што нема да има најмалку една жена говорник. Дали сметате дека има напредок во поглед на родовата еднаквост во нашата земја?

Добро, оди споро, но мислам  дека напредуваме цело време. И тоа нема да оди преку ноќ, нормално. Да, јас стојам на таа моја определба и не прифаќам да учествувам на настани каде нема да има најмалку еден панелист жена. Кабинетот случајно испадна дека е составен само од жени бидејќи не дојдоа сите одеднаш, некои дојдоа подоцна и на крај испадна дека сите шест кабинетски советници се жени.

Во делот на унапредувањето, треба да направиме сѐ што можеме ние како политичари во таа насока, но треба да се знае дека ние не можеме да влијаеме на сѐ. Но, преку давање примери и влијаење таму каде што можеме, може да направиме промена. На пример, и сега во Изборниот законик стои одредбата дека минимум 40% од сите кандидатски листи за кои било избори треба да се состојат од жени, односно, според формулацијата „претставници од помалку застапениот пол“. Сега, наш став, на Владата и на партијата од која доаѓам, е да има паритет, односно 50-50. Не е тоа уште многу што треба да се надополни, но сметаме дека треба да има целосна еднаквост, барем во политиката. И се покажа и докажа дека ако аргументот на противниците на овие квоти е „ако има квалитет ќе си дојдат сами до израз“ и така натаму, не е така: апсолутно, ако им дадеме простор, излегува и квалитет. Апсолутно квалитетни кадри и во Собрание, и во совети и така натаму, и после добиваат дополнителна мотивација и одат кон понатамошни унапредувања. Така што, навистина верувам силно во овие квоти и во целосната еднаквост и во паритетот во политиката и сметам дека тука, ние како политичари, можеме да влијаеме. Секако, и на секое друго поле, еве мене ова ми текна, треба да размислат и другите, и во другите области – во бизнисот, културата, во сите области – на какви начини може да влијаат за да постигнеме целосна еднаквост.

Дали сметате дека вашиот пример го имаат земено вашите колеги, во министерствата или општо во вашата струка, едноставно да истапат со таков категоричен став?

Некако за мене, јас тоа така го сфаќам и го прифаќам како правило, а не го „рекламирам“ или нешто слично, тоа така е и така го правам. За настани, барам од организаторот да има минимум уште еден панелист жена, тоа е податок што не стигнува во јавноста, не е нешто со кое се фалиме, ама така е веќе скоро две години. Јас се нафаќам да го проширам тоа на целата влада, на министрите, на премиерот, секогаш кога учествуваме на јавни настани да инсистираме да има минимум по еден претставник од обата пола.

Значи го преферирате позитивниот пример како метод?

Да, апсолутно. И сметам дека без проблем ќе го прифатат. Видете, знам да направам „проблем“ со тоа мое правило на меѓународни форуми. Полесно е некако тука локално, ќе кажам неколку дена од напред дека е проблем што нема жена и ќе се најде учесничка. На некои меѓународни форуми, ако е на пример само министерски панел, ако нема жена учесник знам да направам проблем, но се снаоѓаат некако. Ако се сака, се се може.

Важите за човек кој води активен и здрав начин на живот, негувајќи здрави навики на исхрана и редовна физичка активност. Кажете ни како се одвива вашиот стандарден ден? Кои навики ги задржавте откако ја презедовте министерската функција, а кои ги додадовте?

Се смени распоредот во текот на денот – времето за себе и за вежбање се премести многу порано, така што тоа сега се случува рано наутро меѓу 6 и 7, па се враќам дома, деца-школо, па потоа доаѓам овде. Вежбањето ми е редовна активност, и порано беше, а особено сега со сите овие нервози и стресови... ако не, ќе експлодирам, нема шанса да се издржи, така што ми е единствен, така да го наречам, издувен вентил. Плус, кога ќе дојдеш на работа така наполнет со енергија, што и да ти кажат нема да се изнервираш.

Омилени физички активности?

Па ништо посебно, трчам и одам во теретана. Порано играв кошарка, фудбал одвреме-навреме... игравме со колегите од владата, ама некако имаше еден период во кој бевме како Битката на Неретва, сите повредени, па се растури малце екипата, па пак се собравме,па пак имаше повредени, па рековме малку треба да олабавиме. Потоа фатија други обврски, избори, референдум, едно-друго и сега пак нешто иницијативи повторно да се собереме,ама како и да е,за фудбал никогаш не ме бивало, само играв кошарка „на времето“. Сега трчање и вежбањето во теретана мислам дека е доволно, саат време во денот. Луксуз е, ама го правам рано насабајле, кога сите спијат, кога нема телефони, кога нема кој да те прекинува и после се работи до 9-10 навечер.

Колку редовната физичка активност и здравата исхрана ви помагаат да бидете поефикасен, како професионалец, но и лично, како родител и сопруг?

Жена ми има една изрека: „Ако треба да те видам два саати, а не си вежбал, или 15 минути со вежбање, подобро оди навежбај се оти не се трпиш.“

Поуморен сум, понервозен ако сум немал физичка активност отколку ако имам. И заради семејството го направив тој распоред на денот – јас додека се занимавам со вежбањето, тие спијат. И навистина ги гледам наутро откако ќе извежбам и навечер пред да легнат децата на спиење. Децата најмногу трпат заради работата, нема тука што да кријам. Имам дури и проблем, особено со постариот син, тој прилично се буни и ќе славел кога веќе нема да бидам министер, ама добро... еве имаше шанса сега, ама не му се оствари желбата (се смее).

Дали Вашите деца ги имаат преземено здравите навики на живот?

Не инсистирам, ама гледам нешто постариот почна карате, фудбал, па кошарка да тренира и интересно му е, па нека си тера. Помалиот уште е мал, не го форсираме. Во делот на здравата храна, тука и јас, а особено сопругата, внимаваме како се храниме и ние и децата. Не јадат брза храна, не ни знаат што е, сувомеснати производи избегнуваме. Сепак деца се, не настојуваме за преголема контрола, но кога ќе споредам со тоа други што прават, мислам дека сме ок.

Поради стресниот карактер на работата, покрај физичката активност дали некогаш сте пробале јога, медитација или некои други техники и методи за ментална рекреација?

Не, и мислам дека нема да пробам. Не сум таков тип (се смее).

Кој е вашиот најголем придонес, најголема промена што сте ја направиле како министер?

Тоа е субјективно и мразам сам за себе да зборувам. Еве, можам да го издвојам намалувањето на роамингот со Западен Балкан. Сега најактуелно, почна од 1 јули да се применува, ова е драстично намалување, скоро и да е укинување,ама ете за две години ќе има и целоно укинување, а брзо ќе следи и со земјите од Европска Унија.

Кога ме прашуваат луѓето што е реформата за јавна администрација, одговарам дека основата на реформата е дигитализацијата. Пред 10 години кога се формирало ова министерство и мене не ми беше јасно која е поврзаноста меѓу јавната администрација и информатичкото општество, но апсолутно има поврзаност и многу логика во тоа, бидејќи денес ние се правиме на нашите електронски уреди. Институциите треба да почнат да ги даваат услугите, да бидат достапни преку мобилните уреди, како што тоа веќе го прават многу бизниси.

Ние може да се превртиме на глава, да укинеме 500 институции, да скратиме 20.000 работни места, или да воведеме уште 200.000 работни места, ако на граѓаните не им се достапни услугите на нивните уреди, џабе ни е се. Шалтерот, ок, ќе постои за луѓето кои не можат да се снајдат електронски, но, дефинитивно натаму треба да ги носиме услугите.

Што правиме сега? Во финална фаза сме, до крајот на месецот ќе биде целосно инсталиран Електронскиот регистар на население, врз основа на кој во септември ќе го пуштиме во употреба новиот Национален портал за електронски услуги – на едно место граѓаните ќе може на еден портал да ги добиваат услугите електронски, од сите институции, оние коишто се во моментов подготвени да прејдат на електронски услуги.

Тоа е приказна без крај, ќе трае со децении, ќе се развиваат нови услуги, меѓутоа ги поставивме и техничките и законските основи за да може се да се вади електронски и електронските документи да бидат подеднакво валидни како тие на хартија, дури и ќе имаат приоритет. Буквално сѐ што ќе биде издадено електронски, со потпис и печат дигитален, којшто досега не постоеше во законот како дефиниран, сега го имаме, никој нема да смее да ви го бара тој документ на хартија. Досега имавме и такви случаи и законот тоа го дозволуваше. Се случуваше да извадите електронски извод од Матична книга на родените, а во друга институција за каде сте го извадиле ви го бараат на хартија. Тоа веќе не смее, не може, и мислам дека тоа е основата за поставување на еден сосема нов начин на функционирање и на институциите и на граѓаните и на фирмите.

Физичките документи ќе останат, но полека, полека ќе се движиме кон електронски формати. Еве гледам со МојДДВ дека и повозрасните граѓани ќе најдат мотив да побараат од некој од помладите во семејството да ги научи да ги користат електронските уреди, односно во случајов преку телефон да ги скенираат сметките.

А во поглед на заштита на личните податоци?

Многу внимававме и внимаваме на тоа, особено во законите. Особено се важни три закони: Законот за Електронски регистер на население, Законот за електронски услуги (кој постоеше,но направивме измени) и Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Таму ги имаме пресликано целосно, сите директиви од Европска Унија што се однесуваат на делот на заштита на личните податоци. Се работеше долго време, со странски експерти, сега сме во фаза на усвојување на директивата за мрежната инфраструктура, ќе ја дефинираме и критичната информациска структура, така што сите области и аспекти се земени предвид и се пресликуваат и во нашето законодавство. Од аспект на техника, исто така многу се внимава на тоа, Дирекцијата за заштита на личните податоци апсолутно не следи во се што правиме, имаме нивни претставници во сите работни групи во кои овие закони се подготвуваа, така што морам да кажам дека IT колегите од Министерството за внатрешни работи се прилично ревносни во овој дел и следат се, при што не дозволуваат на било кој начин да бидат загрозени личните податоци на луѓето.

Луѓето се малку скептични кога станува збор за електронско работење од каков било вид и самиот кажавте дека има добар дел од населението што не знае да ракува со електронски уреди, па дали мислите дека ќе се наиде на отпор на овие чекори кон дигитална иднина?

Не, тоа се случува во цел свет, ќе дојде и кај нас. Нормално, треба време, треба да се навикнат. Сега договараме соработки и со невладиниот сектор, се понудија од Асоцијацијата за електронска трговија, што е прилично нова, млада организација, да ни помогнат токму во делот на едукација на граѓаните за активација и користење на нивниот елекронски идентитет. Ние сакаме овие интернет клубови што ги имаме сега да ги трансформираме во центри за услуги, почнавме во Скопје оваа година, а ќе следат и во Куманово, Тетово и Охрид – ќе има и други ама овие сигурно ќе бидат – па така овие клубови ќе станат еден вид едукативни центри каде ние ќе ги создадеме просторните и техничките услови, а од Асоцијацијата ќе поминуваат луѓе кои ќе вршат обука. Тука го гледаат тие и нивниот интерес, така што навикнувајќи ги граѓаните на користење на електронски уреди и услуги, веројатно ќе ги релаксираат и ќе ги охрабрат да користат и електронска трговија, односно да купуваат онлајн.

Така што го најдовме заедничкиот интерес и на таков начин, па ќе има и едукативна кампања на есен кога ќе се пушти во употреба новиот Национален портал. Ќе треба сите да се ангажираме, но пак ќе кажам, кога ќе види секој човек колку е полесно кога сето тоа се прави преку каков било мобилен уред, самите ќе сакаат да научат и да го прават тоа.

Која ќе биде најважната лекција што ќе ја понесете по завршувањето на министерската функција?

Никогаш повеќе! (се смее) Што ми требаше?! (се смее). Не, сериозно, јас си имам професија во којашто сега малку сум за'рѓан бидејќи влегов во политика, а областа на телекомуникации две години да си надвор од тоа, готово, отиден си, ама па добро, ми се погоди министерство во кое барем технологијата можам да ја следам. Не, лекцијата е... не знам... ок, ние на многу тежок начин дојдовме на власт и за сѐ што требаше да направиме и да „прогрмиме“, задоволен сум што успеавме барем атмосферата во земјата да ја промениме, ако ништо друго. Демократијата е крената на повисоко ниво.

Да, очекувањата се кренати на уште поголемо ниво за понатаму и во тој дел сум задоволен со тоа што го направивме, ама дека повторно би се нафатил за министер, тоа тешко. Не ми се верува. Никогаш не сум бил во целото ова за функција. Јас сум во политика од 18 години и тоа баш од идеолошки причини, јас сум „комуњар“, еве 24 години сум во СДСМ и уште терам, ама се знае, ова не е вечно, ќе застане, ќе престане еден ден и никој не треба да живее од и за политиката. Секој треба да е свесен дека тука сме привремено, ќе заврши, ќе се смени и има друг живот надвор од ова.

Интервјуто го водеше: Александра Спасеска

Фото: Марјан Лазаревски 

реклама

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

5 хороскопски знаци кои се родени за да се збогатат во животот

Read more

Како изгледал етничкиот состав на цела Македонија во 1905 година?

Read more

Со две ластичиња до убави велигденски јајца со нова шара

Read more

Македонија

МОН: Во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес наставата ќе се реализира со скратени часови

Read more

Ќе го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија, рече Мицкоски и најави позитивна кампања

Read more

Пендаровски со претставка за говорот на омраза, навредите и дискриминацијата од страна на Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ

Read more

ДУИ си играше власт: Османи стана претседател, Села на Собранието, Бугарите влегоа во Уставот

Read more
 

Вести

Украле сеф од менувачница во Чаир и побегнале со возило без таблички

Читај повеќе

Маж ја нападнал поранешната сопруга на работното место, па ѝ се заканувал со нож

Читај повеќе

Националниот џез оркестар со „Џез лектира“ гостува во Велес

Читај повеќе

Новинарска фотографија на годината: Не сакаше да го пушти телото на девојчето

Читај повеќе

Џонсон: Балканот може да биде следната цел на Путин

Читај повеќе

Се вештачат трагите од предметите пронајдени во автомобилот во кој била убиена малата Данка

Читај повеќе

МОН: Во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес наставата ќе се реализира со скратени часови

Читај повеќе

Доживотен затвор за маж кој на свиреп начин уби жена во Кочани

Читај повеќе

Ќе го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија, рече Мицкоски и најави позитивна кампања

Читај повеќе