Авто новости

Како автомобилите на иднината ќе спречуваат судари?

15. август 2013 - 10:19 | Д.П.

Автомобилите во блиска иднина ќе имаат уреди за комуникација и ќе комуницираат меѓу себе, а идејата е да спречат судирите. Проектот е дел од студијата на американскиот Департмент за сообраќај во рамките на која околу 3.000 „зборлести“ автомобили се пуштени низ патиштата во САД и притоа постојано ја јавуваат својата позиција и испраќаат пораки во комуникацијата со останатите автомобили.

Целта на проектот вреден 25 милиони долари е да се оценат системите кои можат да праќаат комуникациски податоци познати како Basic Safety Messages. Околу 300 автомобили од проектот ќе добиваат пораки за брзината и локацијата на сите останати автомобили во радиус од 300 метри, а ако се доближат критично блиску до некој друг автомобил, ќе се активираат неколку алармни уреди за да го предупредат возачот, пишува Wired.

Дел од технологијата што е вградена во возилата од студијата се и седиштата што вибрираат, звучните и светлосните сигнали кои се активираат во мртвите агли или при менување на лентата.

Претпоставките се дека кога системот ќе стане достапен на пазарот, тоа ќе го намали бројот на смртни случаи и повреди при сообраќајните несреќи.

„Во секоја ситуација која може да заврши со несреќа, технологијата го спречува тоа“ - вели поранешниот секретар во американскиот Департмент за сообраќај кој тестирал едно од возилата од студијата.

Легенда за фотографијата:

1. Комуникацискиот систем работи на 5.9-GHz

2. Во иднина автомобилите ќе добиваат предупредување ако има работа на патот, за да ја намалат брзината

3. Десет пати во секунда, автомобилите ќе испраќаат Basic Safety Message, вклучувајќи ја и нивната GPS Позиција

4. Дометот на системот во автомобилите е околу 300 метри

 

Коментирај