Регион

Како Балканот и светот реагираа на пресудата за Радован Караџиќ?

20. март 2019 - 19:49 | МИА

Хрватската Влада денеска ја поздрави пресудата за првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ и оцени дека врз основа на доказниот материјал и другите пресуди би требало да се поврзи и со политичкиот и воен врв на тогашна Сојузна Република Југославија, под водство на Слободан Милошевиќ.

Во соопштението од кабинетот на премиерот Андреј Пленковиќ се наведува пресудата за Караџиќ „е уште една причина за соочување со минатото и отфрлање на големосрпската политика и идеологија, чии основни цели како и методи во оваа пресуда се означени како злосторство против човештвото“.

Хрватската Влада изрази жалење што Караџиќ, освен за Сребреница не е осуден и за геноцид во другите општини во Босна и Херцеговина.

– Владата на Република Хрватска ја поддржува пресудата на Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови кој на Радован Караџиќ му изрече доживотна казна затвор… Со оваа пресуда Караџиќ сега е и правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување, се посочува во соопштението на хрватската Влада.

Во соопштението се наведува дека Жалбениот совет „ја потврди личната одговорност на Радован Караџиќ за некои од најстрашните злосторства по Втората светска војна, како геноцидот во Сребреница, кога се убиени над 7.000 мажи и момчиња Бошњаци или опсадата на Сараево, ќе пружи барем минимална сатисфакција на жртвите и нивните семејства“.

Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја изрече второстепената пресуда на поранешниот лидер на босанските Срби, Караџиќ, со која тој е осуден на казна доживотен затвор.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.

Претседателот на Владата на Република Српска Радован Вишковиќ изјави дека пресудата за Радован Караџиќ е очекувана и оти со неа е потврдена досегашната пракса на Хашкиот суд во процесите кои биле водени против Срби.

Според Вишковиќ, тоа е политички суд, а не оној кој суди според правда.

– Србите кои беа процесирани за злосторства во овој суд добија илјада години, а за злосторствата врз Србите никој не одговараше, рече Вишковиќ.

Претседателот на Народното собрание на Република Српска Недељко Чубриловиќ изјави дека со пресудата е потврдено уверувањето на народот на РС дека Хашкиот трибунал е пристрасен, селективен и оти е основан со цел исклучиво Србите и нивните лидери да се прогласат за виновници за војната во Босна и Херцеговина.

Од боречките здруженија рекоа дека станува збор за срамна одлука на Хашкиот трибунал и оти со неа уште еднаш е потврдена апсолутната пристрасност и нетрпеливост кон српскиот народ.

Српската демократска партија соопшти дека се работи за невтемелена и скандалозно неправедна пресуда.

Претседателот на Обединета Српска Ненад Стевандиќ, рече дека пресудите на Хашкиот трибунал во историјата ќе влезат како инструмент на сила, а не правда.

Претседателот на Републичката организација на семејства на заробени, загинати борци и исчезнати цивили Недељко Митровиќ оцени дека, по ваквата пресуда, српскиот народ ќе се соочи со големи притисоци, поради што мора да биде пообединет во РС од кога било досега.

Пресудата ја отфрли и Организацијата на старешини на Армијата на РС и соопшти дека Радован Караџиќ „ќе остане личност која за време на Одбранбено – татковинската војна искажал висок степен на одговорност, патриотизам, чесност и хуманизам кон противникот, давајќи несебичен придонес за одбраната на српскиот народ и создавањето на Република Српска“.

Претседавачот со Претседателството на БиХ Милорад Додик денеска изјави дека пресудата за првиот претседател на Република Српска Радован Караџиќ е прилично арогантна и цинична и е дел од порамнување на сметките меѓу претходните пресуди на Хашкиот трибунал.

Додик истакна дека мисијата на Хашкиот трибунал била да обезбеди помирување, но оти сега тоа е уште понеизвесно и речиси невозможно.

Тој повтори дека Република Српска веќе долго време нема доверба во Хашкиот трибунал, а потврда за тоа е и казната доживотен затвор за првиот претседател на Република Српска.

– Многумина на овие простори мислеа, кога беше формиран Хашкиот трибунал, дека ќе се обезбеди некаква доверба со авторитетот на оние кои го формираа. Со време тоа беше загубено затоа што овој трибунал во голем обем се занимаваше со селективен пристап, ја пренесуваат локалните медиуми изјавата на Додик.

Високиот претсетавник во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко изјави дека денешната пресуда за првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ изјави дека ја потврдува индивидуалната одговорност, а не колективната вина и дека тоа треба да е олеснување за сите чесни луѓе.

– Нема лоши народи, само лоши поединци, посочи Инцко.

Тој додаде дека денешната одлука на Апелацискиот совет претставува важен момент и треба да пружи чувствоп на завршување на едно поглавје за сите жртви, како и за тие кои преживеаја „геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото во БиХ“.

– Ниту една судска одлука не може на преживеаните да им ги врати најмилите, но може да им даде извесна доза на морална сатисфакција, наведе Инцко.

Тој ги повика властите и политичките лидери во БиХ да се воздржат од политичко надмудрување или од обидите за дискредитација Хашкиот трибунал и на Резидуалниот механизам за кривични судови, бидејќи тие ја откриваат вистината и инсистираат на задоволување на правдата по злосторствата извршени во новата трагична историја на БиХ.

Комесарката за човекови права на Советот за Европа, Дуња Мијатовиќ изјави дека во одлуката на Хашкиот суд за доживотен затвор за Радован Караџиќ надвладеа правдата и дека борбата против негирањето на воените злосторства сега е поважна од кога било.

– Денешната пресуда на судот на Обединети нации со која се поддржува пресудата за Караџиќ за геноцид и воени злосторства, вклучително и геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево полажува дека надвладеа правдата. Борбата против негирањето на воените злосторства и едукација за вистината сега се поважни од кога било, напиша Мијатовиќ на Твитер.

Портпаролката на Европска Унија, Маја Коцијанчич изјави дека ЕУ во целост ја почитува одлуката на Меѓународниот механизам за воени злосторства.

Таа по изрекувањето на пресудата за поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ ги повика лидерите од Западен Балкан да ги поддржат одлуките на меѓународниот трибунал и да не го доведуваат во прашање непристрасниот процес на одлучување.

– ЕУ во целост ги почитува одлуките на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и на Меѓународниот механизам. Повторуваме дека е потребна целосна соработка со Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, како наследник на Трибуналот. ЕУ очекува од сите лидери во регионот да ги поддржат одлуките на меѓународните трибунали и да се воздржат од какви било изјави или акции кои ги доведуваат во сомнеж независноста или непристрасноста на процесот на одлучување, посочи Коцијанчич.

Таа додаде дека негирањето или ревизионизмот се во спротивност со најосновните европски вредности.

– Меѓународното кривично правосудство не само да придонесува за ставање крај на неказнивоста туку ги поттикнува довербата и помирувањето во БиХ и регионот. ЕУ, исто така, поддржува ефективно и ефикасно домашно процесуирање на воените злосторства, со цел да се дополни и следи работата на меѓународните трибунали, истакна Коцијанчич.

Светските медиуми ја објавија веста за пресудата за Радован Караџиќ, а во голем број медиуми тоа е една од најважните вести, јави Танјуг.

Асошиејтед прес пишува дека на Караџиќ му е продолжена затворската казна за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.

Според АП, Караџиќ не покажал речиси никаква реакција во моментот кога претседателот на Жалбениот совет, судијата Ван Јосен од Данска, ја прочитал пресудата.

Се додава дека 73-годишниот поранешен босански „моќник“ остатокот од животот ќе го помине зад решетки.

Во моментот кога се читаше пресудата, во судницата одекна аплауз, наведува АП.

Веста дека казната на Караџиќ од 40 години му е продолжена на доживотен затвор ја пренесе и Франс прес.

За тоа кој бил Радован Караџиќ – „претседател, психијатар, поет“, АФП пишува во текст под наслов „Лидерот на босанските Срби Караџиќ: воен злосторник со 1.000 лица“.

Ројтерс пишува дека е завршено едно од најважните судења поради масакрите и другите злосторства во војните на Балканот во деведесеттите години.

Потсетува дека Караџиќ во 2016 година беше осуден за масакрот од јули 1995 година, кога во Сребреница беа убиени повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња. Тогаш тој, исто така, беше осуден и за кампања со која се прокламирало етничко чистење кое ги протера Хрватите и муслиманите од српските територии во Босна.

Би-Би-Си наведува дека масакрот во Сребреница е најголемиот ужас во Европа од Втората светска војна и ја пренесува изјавата на Караџиќ дека пресудата е заснована на „гласини“.

„Гардијан“ пренесува дека Караџиќ беше уапсен во Белград во 2008 година и е еден од последните воени злосторници од Босна, кој се наоѓа во Хаг.

Во хрватските медиуми, пресудата за Караџиќ е најважна вест.

„Јутарњи“ пренесува дека судот во Хаг потврдил оти Караџиќ извршил злосторства со невидени размери и бруталност.

– Виновен е за геноцид, злосторства против човештвото и етничко чистење на муслиманите и Хрватите.

„Вечерњи лист“ имаше свој новинар во судницата, кој информира дека Караџиќ не покажал никакви реакции на пресудата.

Коментирај