Концепти

Како Bentley го замислува „кралот на патиштата“ од иднината?

11. јули 2019 - 15:29 | К.З.

Британскиот производител на луксузни автомобили Bentley го откри концептот EXP 100 GT, кој претставува визија за уличен суперавтомобил што би требало да се појави најрано во 2035 година.

Иако 2035 година звучи доста далечна, автомобилските компании не оставаат ништо на случајноста и веќе прават планови за моделите кои ќе се произведуваат во наредната деценија и пол.

По повод 100 години од постоењето на компанијата, Bentley го претстави футуристичкиот концепт EXP 100 GT, кој го добива погонот од четири електромотори со вкупна комбинирана моќ од дури 1.340 коњски сили и има максимален вртежен момент од 1.491 Nm.

Британската компанија наведува дека овој автомобил е способен да забрза од место до 100 км/ч за помалку од три секунди, а притоа може да достигне максимална брзина од 300 км/ч. Благодарение на очекуваните унапредувања на полето на погонски батерии, продукцискиот EXP 100 GT во иднина би можел да се наполни до капацитет од 80% за само 15 минути.

Според зборовите на луѓето од Bentley, концептот EXP 100 GT има должина од 5,8 метри, ширина од 2,4 метри и маса од 1.900 килограми, а моќниот електричен погон ќе му овозможи автономија од околу 700 километри. Автомобилот е замислен така што ќе може да се движи и без присуство на возач.

Автопилотот ќе се погрижи за безбедно пристигнување на саканата дестинација, а конфигурацијата на седишта во кабината се менува во зависност од тоа дали е вклучен автономниот режим на возење или со возилото управува човечка рака.

Коментирај