Како болид на Формула 1 се претвори во суперавтомобил? (Видео)
Project One на Mercedes-AMG претставува врв на современата автомобилска технологија и ги носи перформансите на Формула 1 болид од тркачките патеки на патиштата.
Суперавтомобилот забрзува од 0 до 200 км/ч за 6 секунди, додека „обичните“ спортски автомобили за толку време може да „кренат“ едвај до стотка, а Mercedes уште нема соопштено која ќе биде максималната брзина на овој „ѕвер“, иако тврди дека ќе изнесува над 350 км/ч.
За да ги оствари погоре спомнатите перформанси, Project One користи хибриден, бензинско-електричен погон со вкупна комбинирана снага од над 1.000 коњски сили, а интересно е што автомобилот ќе може да се вози и само на електричен погон, но максимално 25 километри.
„Болидот за цивили“ на Mercedes има извајана каросерија што е целосно направена од карбонски влакна, со специјална аеродинамична „перка“ на задниот дел од кровот, како и голем „спојлер“ позади.
„Срцето“ на погонскиот систем е изведено од моторот што Mercedes го користи во Формула 1, а се работи за 1,6-литарски V6 турбо бензинец со 11.000 вртежи во минута и ја праќа силата кон задната осовина на возилото.