Живот

Како да го подобрите квалитетот на воздухот во вашиот дом?

12. декември 2019 - 19:14 | А.С.

Загадениот воздух придонесува за смртта на 7 милиони луѓе годишно.

Девет од 10 луѓе се под ризик да заболат од разни болести, да доживеат мозочен удар, да добијат инфекции на дишните патишта и рак на белите дробови како резултат на дишењето неквалитетен воздух.

Микроскопските загадувања се насекаде и постојано ни штетат. Затворените простории не се исклучок. Загадувањето внатре може да биде меѓу 2 до 5 пати поголемо отколку надвор.

„Воздухот внатре ги содржи сите надворешни загадувања, како и сѐ што додавате во просториите – готвење, испарување на средства за чистење и омекнувач од мокра облека што се суши, градежни материјали“, објаснува Метју Џонсон, научник од компанијата Airlabs која инсталира технологии за филтрирање на воздухот ширум светот

За среќа, има некои работи кои секој од нас може да ги направи за да го подобри квалитетот на воздухот во својот дом.

Проветрувајте почесто

Лошата вентилација придонесува лошите честички да останат во воздухот, затоа отворајте ги прозорците неколку пати во текот на денот. При екстремно ниски температури и еднаш до двапати е доволно.

Ако проветрувањето не е опција, инвестирајте во добар систем за вентилација.

Додека готвите пожелно е да вклучите аспиратор кој ќе ја собере миризбата, но и влагата во воздухот.

Опремете се со домашни билки и растенија

Ако не можете да си дозволите скапи филтри за воздух, природата секогаш е тука да ви помогне.

Исполнете го просторот со домашни билки и растенија кои се истакнуваат со нивните својства на прочистување и освежување на воздухот.

За тоа кои билки и растенија да ги изберете, подетално информирајте се ТУКА и ТУКА.

Елиминација на мирисите на „зелен“ начин

Покрај хемикалиите во средствата за чистење, штетни материи во воздухот испуштаат и разните спрејови за освежување на воздухот.

Материите што ги содржат овие освежувачи во комбинација со други загадувачи во воздухот може да формираат формалдехид, супстанца која се поврзува со појавата на рак.

Затоа изберете природни начини за сузбивање на мирисите и освежување на воздухот. Сокот од свеж лимон во комбинација со сода бикарбона прави чуда, особено во кујната.

Бонус совети:

  • Често менувајте ја постелнината и покривките
  • Често чистете ги теписите и теписоните со правосмукалка
  • Секогаш сушете ги алиштата со (под)отворен прозорец (никогаш на радијатор!)

Коментирај