Една од ирониите на ерата на компјутерскиот „облак” е што лаптопите стари по 5 до 10 години кои ни фаќаат прашина најверојатно имаат повеќе „коњски сили” отколку врвните модели на Chromebook кои пристигнуваат на пазарот. Ова значи дека може да му ја прекинете пензијата на компјутерот кој ви дреме во шкафче или подрум и да го направите да работи побрзо на оперативен систем како Chrome.
Денес, ќе ве прошетаме низ процесот на конвертирање на стар Mac или Windows PC во Chrome компјутер. Ова е возможно со помош на програмa нареченa CloudReady, создаденa од њујоршкиот стартап Neverware. Софтверот користи модифицирана верзија на Chromium, верзијата со отворен код на Chrome која Google jа направи достапна за девелоперите.
Neverware најчесто работи со училиштата помагајќи им да ги претворат напуштените компјутери во компјутери кои ќе бидат повторно употребливи за учениците. Но, го нудат софтверот и како бесплатна инсталација наменета за индивидуалци, пишува The Verge.
Долго време користењето на CloudReady значеше комплетно да го откачите стариот оперативен систем и да избришете сè што сте чувале на хард дискот на вашиот компјутер. Но, од минатиот месец CloudReady доби нова можност која им дозволува на корисниците да одберат помеѓу Chrome и стариот оперативен систем секогаш кога ја вклучуваат нивната машина.