Ова се неколку едноставни совети за тоа како да заштедите на гориво и да ја намалите потрошувачката на вашето возило.
Препорачано гориво
Независните експерти препорачуваат дека е подобро да ставате препорачано гориво, а не она што е најскапо на пазарот. Перформансите што ќе ги добиете од гориво со повеќе октани нема да ја „победат“ заштедата. Од друга страна, ако возите автомобил за кој е препорачано високооктанско гориво, никако немојте да ставате помалку квалитетно бидејќи може да дојде до оштетување на моторот, а тоа значи дополнителни трошоци.
Пневматици
Редовно проверувајте го притисокот во гумите, посебно ако планирате долго возење на автопат. Ако во гумите има помал притисок од препорачаното, тоа може значително да се одрази на потрошувачката на гориво.
Вишок товар
Возете лесно. Колку и да ви звучи неверојатно, обидете се да воите со што е можно помалку товар. Докажано е дека кај просечен автомобил, намалувањето на масата за 50 кг може да ја намалите потрошувачката и до 2%. Затоа, извадете ги од багажник сите непотребни работи што ги возите со себе наваму-натаму и не мора да го полните резервоарот до врв, доволно е да имате 20-30.
Аеродинамика
Аеродинамиката игра сѐ поначајна улога кај современите автомобили бидејќи се одразува на перформансите на возилото, а со самото тоа и на неговата потрошувачка. Овде советот е едноставен: кровните носачи и куфери се „забранети“, освен кога навистина ви треба да носите багаж што не може да го сместите во автомобилот. На аеродинамиката влијае и тоа дали ви се спуштени прозорците. Секако, и климатизерот користете го паметно: минималната температура и максималната јачина влијаат на потрошувачката, а и на вашето здравје.
Планирање на рутата
Тргнувате на подолг пат што подразбира поминување низ поголем град или преку државни граници? Пред да тргнете, зачувајте ги мапите на вашиот смартфон и инсталирајте апликации како Google Maps, Here WeGo, Waze… Апликациите ќе ви препорачаат најкраток и најекономичен пат до вашата сакана дестинација, како и информации за тоа кои гранични премини се помалку оптоварени, што ќе ви заштеди пари, време и нерви.