Живот

Како да ја подготвите кожата за сончање?

17. јули 2019 - 19:27 | А.С.

Ако уживате во лежење на сонце и го сакате оној исончан тен што непогрешливо кажува дека сте одмарале на плажа, треба соодветно да ја подготвите и заштитите кожата.

Тоа е важно не само заради здравјето на вашата кожа, туку и за да го задржите подолго тој исончан тен.

Ново руво

Најпрво, решете се од мртвиот слој кожа. Почнете со благи пилинзи и нежна ексфолијација неколку недели пред да отидете на одмор, за да може кожата да има време да се регенерира.

Ако не го отстраните површинскиот слој кожа, тогаш побрзо ќе го изгубите тенот бидејќи тој слој изложен на сонце побрзо ќе падне, а и ќе го имате она непријатно лупење на кожата.

Направете природен домашен пилинг од три лажички мелено кафе, кафеав шеќер и кантарионово или маслиново масло и со таа мешавина истријте го целото тело. Веднаш ќе почувствувате колку е кожата освежена. Овој третман правете до еднаш до два пати неделно и особено внимание посветете на лактите и петите. Исплакнете со млака вода.

Нахранете ја кожата

Откако ќе се ослободите од „зимското руво“, навлажнете ја кожата за да ја одржите нејзината еластичност и отпорност.

Одбегнувајте тепки, мрсни кремови за лице и тело со кои само ќе ги затворите порите. Изберете лесни, хидратантни текстури со хранливи состојки и антиоксиданси, како алое, камилица, невен.

Пред спиење може да користите природни масла, како арганово, од јојоба или од семки од кајсија.

Заштита

Кожата на лицето, вратот, деколтето и рацете треба секојдневно да ја заштитите со крем со заштитен SPF, по можност 30.

Кога станува збор за сончање, факторот нека биде 50 и не штедете на слоеви и редовно нанесување на кремот додека се сончате, особено ако влегувате и во вода.

После 30-тата година заборавете на маслата за сончање, на вашата кожа ѝ е потребна поголема заштита и нега.

Коментирај