Пократките денови и престојот во затворени простории ја намалуваат изложеноста на сонце, што може да доведе до недостаток на витамин Д.
Овој витамин е многу важен за одржување на здрави коски, поддршка на имунолошката функција и регулирање на расположението. Иако еден начин да се добие витамин Д е да се поминува време на сонце, нутриционистката Стефани Шиф од болницата Нортвел Хантингтон истакнува дека тоа не е единствениот начин.
Таа ги издвојува најпознатите показатели за недостаток на витамин Д, кој може да се провери преку тест на крвта и се развива на подолг временски период. Некои од симптомите се:
Болка во коските и зглобовите: Недостатокот на витамин Д може да предизвика омекнување на коските, што го зголемува ризикот од фрактури и болка.
Мускулна слабост и грчеви: Слично на „болки во растење“, овие симптоми може да вклучуваат и неконтролирано грчење на мускулите.
Проблеми со забите: недоволно витамин Д може да ја намали апсорпцијата на калциум, предизвикувајќи расипување на забите, заболување на непцата и гингивитис.
Губење на косата: Ниските нивоа на витамин Д се поврзани со различни форми на губење на косата, вклучувајќи телоген ефлувиум (губење поврзано со стрес), андрогена алопеција (наследна губење на косата) и алопеција ареата (ќелави дамки).
Нарушен апетит и сон: Ниското ниво на витамин Д може да предизвика замор, тешкотии со спиењето и да го наруши апетитот бидејќи учествува во регулацијата на хормоните мелатонин и лептин.
Храната како што се масна риба, жолчки од јајце, сирење и путер се природни извори на витамин Д, додека некои производи, како што се житарките за појадок и пијалоците од растително потекло (бадем, соја, овесно млеко), често се збогатени со овој витамин.
Доколку одлучите да земате суплементи, важно е да се придржувате до препорачаната дневна доза. „Премногу витамин Д може да предизвика токсичност, што доведува до симптоми како што се гадење, слабост, често мокрење и проблеми со бубрезите“, предупредува Шиф.