БРЗИ СОВЕТИ ЗА ПОСИГУРЕН Е-ШОПИНГ

Како да препознаете дива или измамничка е-продавница на Facebook?

Ретки се Македонците кои купуваат преку Facebook продавници кои барем еднаш не се соочиле со непријатно искуство во процесот на купување: при комуникација со продавачот, при доставата на производот кој го нарачале или при остварувањето на нивните права кои произлегуваат од Законот за заштита на потрошувачи, кои најчесто се однесуваат на барањата за рефундација или замена на производот.

Користени производи, производи со фабричка грешка, боја, форма и димензии кои не соодвестуваат со рекламираниот производ, погрдна и навредлива комуникација, непостоечки броеви за контакт со продавницата во случај на проблем, блокирање откако ќе ги побараат своите потрошувачки права итн... 

Со ова секојдневно се соочуваат Македонците кои купуваат од непроверени и измамнички продавници кои постојат само на Facebook, а чија стратегија најчесто се базира на нудење нереално евтини производи со сомнителен квалитет. Facebook е преплавен со реклами (спонзорирани објави) од македонски интернет продавници со „неверојатни понуди“, а кога понудата е премногу добра за да биде вистинита – најчесто и не е вистинита


Непријатните искуства секојдневно ги споделуваат во групата наречена „Ѕид на Измами и Прашања за Искуства од Онлајн Продавници“ во која членуваат речиси 30.000 членови, од кои голем дел веќе биле измамени или бараат информации за тоа дали некоја е-продавница е веродостојна или не. 

Според објавите на купувачите, за настанатите проблеми многу ретко се нуди и наоѓа решение од страна на продавачите. И сосема очекувано, затоа што најчесто зад ваквите диви Facebook продавници, наместо регистрирани и верифицирани е-трговци, стојат индивидуалци кои ја согледале можноста за ефективен начин за продавање на својата „шверц-комерц“ роба со сомнителен квалитет.

Најголемиот дел од жалбите и барањата за замена или рефундација (поврат на платените средства) упатени кон дивите е-продавници завршуваат со блокирање од страна на продавачот. Некои од нив пак, се малку „покоректни“ и барем ги удостојуваат купувачите со одговор, но не очекуваниот – дека воопшто не дозволуваат замена на производот. Некои, охрабрени од анонимноста на продавницата и недопирливоста пред законот, одат до таму што на купувачите им се обраќаат со навредливи зборови.
 


Постои ли начин на кој купувачот може да утврди дали одредена е-продавница или продавница на Facebook е веродостојна или измамничка? Секако. Но, тоа подразбира и ангажираност од страна на купувачите, а тие најчесто ги занемаруваат дури и најочигледните индикатори дека „нешто не чини“ сѐ додека не станат жртви на измамниците. 

Ова се најчестите индикатори за потенцијална измама, кои никогаш не треба да ги игнорирате:

1. Цена – Доколку понудата е премногу добра за да биде вистинита, најверојатно не е. Ниската цена е само „јадица“ на која најчесто „загризуваат“ купувачите.  Ако се сомневате во веродостојноста на понудата, споредете ги цените за истиот производ во останатите продавници. Ако разликата е премногу голема, тогаш нешто „смрди“. Нема никаква логика истата бормашина во една продавница да се продава за 9.000 денари, а друг на Facebook да ја нуди за 1.549 денари. 

2. Правопис – Доколку рекламата на Facebook изгледа аматерски и е напишана со премногу правописни грешки и нелогичности, не брзајте да го купите производот. Текстови од типот: „PRETNOVOGODISNO POPUSTI NAJDOBRATA MODEL NA BORMASINA SUPER CENA OGRANICENI KOLICINI NAPRAJ NARACKA OT TUKA. CENA IMBOX” се супер индикатор дека нешто не е во ред и дека многу веројатно е да добиете цигла во пакет или играчка бормашина.

3. Име на продавницата – Со цел да изгледаат поуверливо, дивите продавници на Facebook начесто го употребуваат доменот .MK како продолжение на нивното име. На пример: “LuxuryShoes.MK” или “BestProducts.MK” (имињата се измислени). Така, потенцијалните купувачи добиваат впечаток дека станува збор за веродостојна продавница со .mk интернет домен, но речиси никогаш не постојат интернет страници со истите имиња на овие продавници. Затоа, секогаш проверувајте дали воопшто постои и интернет страница поврзана со одредена продавница и дали Facebook страницата која ја разгледувате е нивната официјална страница (интернет продавниците кои имаат Facebook страници секогаш имаат линк до нив).

4. Кој е всушност продавачот – Ако продавницата нема официјална страница со јасно дефинирани информации за тоа кој стои зад неа (име на правен субјект, адреса, матичен број, контакт информации), тогаш уште веднаш може уште веднаш да им кажете „чао“ на вашите права како потрошувач. Доколку продавницата сепак има интернет страница, секогаш побарајте ги и разгледајте го секциите кои се однесуваат за продавачот (пр: „За нас“) и за вашите права како купувачи (пр: „Правила за купување“, „Политика за приватност“, „Политика за испорака“ итн.). Така, секогаш ќе бидете сигурни кому и како можете да се обратите во случај на проблем и дали воопшто ја имате таа можност.

5. Reviews и Page Transparency – Секогаш читајте ги рецензиите (Reviews) на Facebook и видете какво искуство имале претходните купувачи. Не го пропуштајте ниту делот наречен Page Transparency на Facebook страницата, кој открива колку долго постои страницата, од кои држави се администраторите и колку пати го има променето името. Доколку одредена продавница постои 7 дена или го има променето неколку пати името (секој пат со голема разлика од претходното име) – тогаш најверојатно сакаат да ги сокријат лошите рецензии/коментари поврзани со нивното име.

6. Верификуван е-трговец – Можеби не сте знаеле, но во Македонија постои регистар на е-трговци кои се пријавени како регистрирани во една од петте банки кои нудат е-плаќање во Македонија. Критериумите за верификација од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се ригорозни и опфаќаат голем број на професионални стандарди кои треба да се исполнат од страна на е-продавниците кои сакаат да се најдат на оваа листа. Регистарот е достапен на овој линк.

Постои ли начин значително да се намали сивата е-трговија во Македонија и да се заштитат потрошувачите од зачестените измами?

Одговорот на ова прашање е навистина комплексен, но тоа не значи дека решението не е едноставно и изводливо. Намалувањето на сивата економија во е-трговијата најверојатно би дошло само по себе доколку успее да се раскине врската помеѓу дивите Facebook продавници и купувачите. 

Што ја одржува врската помеѓу продавачите и купувачите?

Едната врска е комуникациска, односно можноста дивите продавачи и измамници да допрат до купувачите преку Facebook и Instagram. Оваа комуникациска врска е толку силна и не подлежи под регулација и контрола, па затоа никој не може да ја раскине. 

 Другата врска е логистичката, односно испораката на производите и наплатата на готовина која се вршат службите за достава (поштите). Оваа врска може да се прекине со соодветни законски измени, нови регулативи и засилена контрола.

Агенцијата за пошти неодамна соопшти дека само во првото полугодие од 2021 година се доставени 291.037 пакети и 2.590 писма со откупнина, остварени преку е-трговија. Колку од нив се испратени преку легални е-трговци (правни субјекти), а колку преку индивидуалци или нелегални продавници – не успеавме да пронајдеме во извештајот.

Доколку се регулира поинаку начинот на кој поштите го вршат откупот на пратки (наплата на доставени производи и исплата на средствата на продавачот) и се прифаќаат исклучиво пратки кои содржат фактура или фискална сметка, автоматски дивите (нерегулирани) продавачи ја губат главната врска со купувачите. На тој начин, им се оневозможува да продаваат производи преку интернет на црно. 

Некој можеби ќе помисли дека дивите продавници повторно ќе најдат начин да ги наплатат своите средства со сопствена достава, но оваа идеја е еднаква на научна фантазија (и од финансиска и од логистичка гледна точка) затоа што никој не може да се спореди со брзината, квалитетот во услугата и цените кои ги нудат специјализираните пошти. Поштите пак, немаат никаква причина да се грижат дека со ваквата регулација би изгубиле дел од „колачот“, затоа што според логиката на нештата – побарувачката ќе остане непроменета, а продажбите ќе се одвиваат и понатаму, но преку легални е-продавници и е-трговци (постоечки и нови). Со ваква регулација, дивите продавачи ќе се поттикнат да излезат од превезот на анонимноста и да ги понудат истите услови кон купувачите како и легалните продавници, по што би ги добиле и истите услови од страна на поштите.

Какво е вашето искуство со купувањето преку интернет, дали некогаш сте биле измамени или ви биле нарушени вашите права како потрошувач? Пишете ни во коментарите.

реклама

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Read more

Зошто треба прво да се испржи меленото месо, па потоа да се додаде кромид?

Read more

Роберт де Ниро откри кои му се најомилените актери на сите времиња

Read more

Најнеобичните цвеќиња што може да се видат на Земјата

Read more

Теми и коментари

Зошто смртната казна нема да спречи свирепи убиства?

Read more

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more

8 Март и ослободувањето на жената – моќните приказни на жените од Македонија

Read more
 

Ново

  • filter

Секси петок

Читај повеќе

Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот Time

Читај повеќе
  • play_arrow

Вештачка интелигенција управуваше борбен авион против човечки пилот

Читај повеќе

Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче

Читај повеќе

Богати до небо: Колку заработува автомобилската индустрија?

Читај повеќе

Манчестер Сити пред мегатрансфер – тргна по еден од најскапите во светот

Читај повеќе

Рецепт на денот: Ароматично пилешко со зеленчук и рузмарин

Читај повеќе

Османи: Имало информации дека Израел го нападнал Иран, меѓутоа сѐ уште не се потврдени

Читај повеќе

Што ќе им донесе сезоната на Бикот на сите хороскопски знаци од 19 април до 20 мај?

Читај повеќе