Македонската фудбалска репрезентација вечерва ги отвора мундијалските квалификации против еден, историски гледано, многу незгоден противник за нас.

Меѓу оние репрезентации против кои навистина не ни оди, дефинитивно е Романија, противникот против кој вечерва на „Арена Национала“ стадионот во Букурешт ги отвораме квалификациите за пласман на Мундијалот кој во ноември и декември 2022 година ќе се одржи во Катар, за прв пат во земја од Блискиот Исток.
Жрепката нѐ стави во група со гигантот Германија, кој е апсолутен фаворит за првото место, а покрај Романија тука е незгодниот Исланд, нашиот веќе вечен противник Ерменија, како и аутсајдерот Лихтенштајн.
Распоредот на УЕФА одлучи овој цуклус да го отвориме со тешко гостување кај Романија, репрезентација која сонува мундијалски настап уште од 1998 година и онаа генерација со Хаџи, Попеску и Мунтеану.
Со оваа репрезентација досега има одиграно вкупно 5 натпревари, од 4 беа токму квалификациски. Прв пат се сретнавме во оние за Мундијалот 1998 кога на 14 декември во Скопје хет-трик ни постигна Георге Попеску за убедлива гостинска победа од 3:0.
Реваншот беше во август 1997 во Букурешт каде повторно загубивме, овој пат со 4:2, а за нас два гола постигна Миросав Ѓокиќ. Интересно, тогаш на двата натпревара под мистериозни околности не настапи Георге Хаџи, инаку по татко од Егејска Македонија, за кој до ден денес се вртат приказни дека намерно не сакал да игра против Македонија.
Наредните две средби беа повторно мундијалски квалификации, оние за собирот во 2006. Како и сега, и тогаш ги отворивме со гостување, тогаш во Крајова, а до претпоследната минута имавме 1:1 кога на сцена стапи Адриан Муту и постигна гол за победа, само минута откако Шумуликоски доби директен црвен картон. Пандев тогаш одигра цел натпревар и е единствен во нашиот табор кој и вечерва ќе игра. Кај Романците, нивниот сегашен заменик-селектор, Николае Дика, исто така играше.
И на реваншот во Скопје во март 2005 загубивме со истите 2:1, овој пат со двата гола на Николае Митеа. Со тоа, Романците направија перфектна серија против Македонија - 4 победи на 4 натпревари.
Прв пат на победа против вечерашниот противник се израдувавме во јуни 2010 и тоа на неутрален терен во Австрија. Тогаш пресуден беше голот на Ванче Шиков, доволен за минимален триумф од 1:0. Воедно, тоа беше и прв пат да не примиме гол од Романците. Но, мора да се има предвид дека се работеше за пријателски натпревар. Пандев и Агим Ибраими настапија тогаш, а се и денес во составот. Играше и Иван Тричковски кој нажалост поради повреда не е во комбинација за вечер. Кај Романците повторно играше Дика, а 90 минути одигра и Мирел Радои, сегашниот нивен селектор која поради позитивен тест на COVID-19 е во изолација.
Кога во група ја имате Германија, а на Мундијалот ве носи само првото место (второто носи во бараж, што не е никаква гаранција за пласман), тогаш на секој натпревар мора да одите на победа. Вечерва и двете репрезентации атакуваат на 3 бода, иако како што секогаш се милува да се каже, бидејќи сме гости, може да се задоволиме и со бод.
Селекторот Игор Ангеловски преферира две различни формации кои се и доста слични. Прашањето е дали ќе се одлучи за тројца позади или четворица, со напомена дека на тие тројца им се приклучуваат и двајцата латерални играчи. Бидејќи дополнителен проблем настапи со повредата на дефанзивецот Дарко Велковски, кој има болки во мускулот, ние во Кајгана типуваме дека Ангеловски токму поради тоа ќе ја одбере формацијата со тројца позади.
Аријан Адеми познато е дека нема да настапи, иако отпатува со репрезентацијата во Букурешт. Веројатно ќе биде на клупата, но поради заморот или нема воопшто да влезе во игра, или тоа би се случило во второто полувреме, доколку ептен има потреба.
Веројатен состав:

Што се однесува до противникот, кај нив проблем е голманската позиција, како и нападот. Она што го пишуваат романските медиуми е дека Дика ќе се одлучи за формација 4-5-1 со само еден напаѓач, но далеку од тоа дека е безопасен бидејќи шпицот е одличниот Џеорџе Пушкаш, кој, да нема забуна, не е во роднинска врска со легендарниот унгарски фудбалер Ференц Пушкаш.
Во репрезентацијата се врати голманот Анреј Раду, кој е резерва во Интер, но претпоставките се дека голманот на прашка Спарта, Флорин Ница, ќе биде помеѓу стативите. Инаку, сите четворица голмани во романскиот состав имаат вкупно 3 настапи за репрезентцаијата.
Натпреварот почнува во 20:45 часот, а пренос ќе има на SportKlub 3. Правдата ќе ја делат португалските судии Фабиу Верисиму и помошниците Луиш Кампуш и Бруну Родригеш.
Интересно, главниот судија во својата родна Португалија од навивачите е викан ВАРисиму поради тоа што е премногу склон кон употреба на ВАР системот. Но, вечерва под букурешкото небо нема да се употребува ВАР.
Истовремено ќе и играат и другите два натпревара во нашата група и тоа Германија - Исланд и Лихтенштајн - Ерменија.