Консумацијата на алкохол, особено во случаи кога се зема во големи количини за краток временски период, може да предизвика оштетување на нашиот организам.

И покрај мислењето на многумина и фактот дека е легален - алкохолот е психоактивна супстанца. Нејзиното прекумерно консумирање предизвикува негативни ефекти врз телото, не само долгорочно, туку и моментно: во зависност од возраста, полот и времето на внесување.
Со оглед на тоа што на социјалните мрежи во последно време се многу популарни предизвиците кои промовираат интеракција со алкохол и негово консумирање во големи количини во најкус можен рок, темата за предозирање, или состојбата попозната како алкохолна кома, никогаш не била повеќе во фокусот.
Опасност настанува кога концентрацијата на алкохол во крвта е еднаква или поголема од 0,08%, што може да се постигне кај мажите доколку конзумираат 5 пијалаци за 2 часа или кај жените за еден пијалак помалку во истиот временски интервал. Сепак, начинот на кој нашето тело ја толерира оваа супстанца зависи од неколку фактори: возраста, тежината, дали сме на некој вид третман или дали имаме семејна историја на проблеми со алкохол.
Времето игра фундаментална улога во овој случај и тоа е она што ја прави разликата и го загрозува човечкиот живот. Со други зборови, кога пиеме брзо, капацитетот на мозокот кој ги контролира основните функции како што се дишењето, отчукувањата на срцето или терморегулацијата, почнува да опаѓа.
Освен тоа, алкохолот присутен во крвта не исчезнува истовремено со престанокот на консумирањето: црниот дроб е способен да метаболизира само 0,12 гр/л алкохол во крвта секој час.
Пијанството, или количината од 0,08% алкохол во крвта, доведува до тоа да поединецот се чувствува порелаксиран, поради што неговите рефлекси слабеат, во некои случаи ќе има ментално затемнување и во најлош случај - забавување на виталните функции.
Кога ќе се надмине границата од 0,2% до 0,3%, еден од најчестите симптоми е губење на свеста или несвестица. И погрешно е да се верува дека оваа фаза на „спиење“ ќе го поништи дејството на алкохолот. Напротив, една од причините за смрт од предозирање е поврзана со гушење при повраќање во лежечка положба.

Во случај на труење, ниту кафето со сол, ниту студените тушеви или прошетките нема да помогнат да се отстрани алкохолот од крвта. Всушност, експертите истакнуваат дека овие техники можат дури и да ја влошат ситуацијата, па во тој случај потребно е да се побара лекарска помош.