Авто новости

Како изгледа првиот креш тест меѓу автомобил и велосипедска кацига?

6. јуни 2019 - 18:17 | А.С.

Компанијата Volvo Cars се здружи со водечкиот шведски бренд за спорт и безбедност POC и прават низа тестови на судири меѓу велосипедска кацига и автомобил, како дел од револуционерниот проект за зголемување на безбедноста и заштитата на велосипедистите.

Во сообраќајните незгоди и несреќи меѓу автомобили и велосипеди често доаѓа до сериозни повреди, па дури и смртни случаи, поради што Volvo постави јасна стратегија целосно да го одбегне овој тип на незгоди со помош на активна безбедносна технологија.

Постоечкиот систем за детектирање велосипедисти што вклучува целосно сопирање на возилото, користи радари и камери на автомобилот за да се детектира велосипедистот, да се предупреди возачот и да се активираат сопирачките ако е потребно дополнително делување.

На тоа сега се надоврзува истражувачкиот проект на Volvo-POC што се состои од низа посебно проектирани креш тестови што се изведуваат во познатиот истражувачки центар за безбедност на Volvo Cars во Гетеборг, Шведска.

На овие тестирања кукли носат велосипедски кациги POC на тест платформата и оттаму се „лансираат“ на различни делови од хаубата на статичен Volvo автомобил, под различни агли и со различна брзина.

Тестовите се засновани на постоечки регулаторни процедури за тестирање за заштита на главата кај пешаците. На тој начин Volvo Cars и POC може да извршат директно споредување меѓу ситуации кога се користи кацига и кога не се носи заштитна кацига.

Актуелните процедури за тестирање велосипедски кациги подразбираат пуштање на кацигата од различни висини, на рамна или коса површина, но не ги земаат предвид ударите при сообраќајка меѓу велосипед и автомобил.

Проектот Volvo-POC има за цел да ги унапреди тестирањата. Сознанијата од истражувањето ќе му помогне на POC да прави побезбедни кациги што ќе пружаат поголема сигурност во случај на незгода меѓу автомобил и велосипед.

Коментирај