Вести

Како изгледаше праќањето на e-mail во 1984 година?

18. јуни 2018 - 15:45 | М.Д.

Британскиот телевизиски канал „Thames TV“, го документираше моментот кога во 1984 година техничарите Џулијан и Пет Грин за прв пат испратија и примија прва електронска пошта.

Праќањето на електронска пошта пред 34 години беше многу покомплицирано во однос на она што е денеска.

Емисијата „Datebase“ го забележа целиот процес на праќање на електронска пошта од 1984 година.

Пред праќањето на самата порака беше потребно да се поврзете на мрежа. Денеска, како што знаеме, тоа е прилично едноставно, но тогаш процесот беше поинаков, пишува „Business Insider“.

Најпрво било потребно да се приклучи телефонска линија на модем, а потоа да се спои модемот на компјутерот.

Потоа беше потребно преку телефон да се повика другиот компјутер. За да се воспостави врската, потребно беше да се вклучи прекинувач на модемот. И тогаш „работите“ почнуваа да се случуваат.

Откако се поврзаа на Micronet 800, рана мрежна услуга која имаше опција за испраќање на електронска пошта, тие конечно можеа да ја напишат својата прва електронска порака.

Една од основните разлики, освен опишаниот долготраен процес, беше и тоа што во 1984 година не постоеја e-mail адреси какви што денеска познаваме, туку за тоа служеа низа од броеви и букви.

Во конкретниот случај адресата беше „7776a“. Пораката која браќата Грин тогаш ја испратија гласеше:

„Најдобри желби до сите во тимот за база на податоци, електронски ваши, семејство Грин“.

Коментирај