Можеби малкумина знаат, но Yeti не е првиот SUV во историјата на Škoda, бидејќи моделот Trekka постоеше во 1960-тите, меѓутоа се произведуваше во Нов Зеланд за домашниот пазар, а се извезуваше во Австралија и пошироко.
Моделот Trekka се базираше на платформата на Octavia, автомобилот што го доби тоа име затоа што всушност стана осмиот автомобил на Škoda произведен по Втората светска војна. Делови доаѓаа во Нов Зеланд од далеку, беа транспортирани од Млада Болеслав во Чехословачка до северниот остров Отахуху и поставени на скратена шасија. Врз неа се монтираше препознатливата кутиеста каросерија.
Trekka беше придвижувана од мотор од 1.221 кубика, кој развиваше 46 КС, или 20 КС помалку од Land Rover од истиот период. Сепак, Škoda беше горда на независната суспензија на Trekka, додека синхронизираниот менувач со четири брзини обезбедуваше максимална брзина од 110 km/h, со што моделот Škoda го надмина Land Rover Defender со максимална брзина од 105 km/h.
Теренецот на Škoda беше достапен со тврд и мек покрив, во „кратки“ и „каравански“ верзии, со две до осум седишта, а беше можно да се купи и пикап. Во период од шест години, беа продадени 3.000 примероци од овој модел, кој беше омилен меѓу купувачите во Нов Зеланд, Австралија, Самоа, Виетнам и Фиџи. Само неколку примероци стигнаа во Европа, а еден се чува во музејот на Škoda во Чешка.