Љубов и секс
Подготовка за нова љубов

Како најлесно да се преброди прекинот на љубовната врска?

17. јануари 2012 - 15:53 |

Погрешно е верувањето дека прекинот на врската се лечи со драматични постапки и претеран излив на емоции. Вистинското и најлесно опоравување oд емотивните шокови се случува низ процес за кој треба време и работа на себе.

Прекинот на една врска никогаш не е лесно искуство. Насобраните емоции не е лесно конструктивно да се проживеат па наместо да ги пуштиме на површина и да се соочиме со нив, многу често грешно ги пренасочуваме, што на долгорочен план ни штети. Како и секоја тешка ситуација во животот, и прекинот треба да се прифати и да се соочиме со него здраво, вели Лори Дешенел, американска блогерка и авторка на неколку книги за односите и животот.

Еве неколку начини кои би можеле да ви помогнат конечно да се „откачите“ од багажот на старата врска и да се подготвите за нов и поздрав љубовен почеток:

Ослободете се од тешките анализи

После крајот на врската, многумина се склони кон длабоки анализи кои најчесто завршуваат со тезата: „нешто не е во ред со мене“. Да, можеби сте можеле нешто да направите поинаку, или порано да го воочите проблемот, односно да бидете попаметни во одредени ситуации - но, никој не е совршен. Па, ни вие. Самокритичните анализи кои завршуваат со самокритика не водат никаде. Наместо тоа, фокусирајте се на убавите работи во својот живот - добрите пријатели, интересната работа, хобијата кои ве исполнуваат и хармонијата во фамилијата. Кога ќе ви дојде потреба за анализа, застанете, потсетете се на сето добро во вашиот живот и бидете благодарни на тоа. На тој начин не ги потиснувате вашите емоции, туку зрело се носите со нив.

Простете си

Можеби мислите дека сте ја направиле најголемата грешка во животот. Ви се чини дека во моментов не би пателе ако не направевте одредени работи. Во ред, ама ова не е продуктивно размислување кое конечно ќе ви донесе нешто добро. Наместо тоа, потсетете се дека сте само човек кој има право да згреши, како и секој друг - а после тоа, треба да има „кохонес“ да се носи со последиците на грешките. И да, од сите грешки се учи, па токму низ тоа учење конечно можете животот да си го направите поубав и поинтересен. Ако сакате повторно да сакате, треба да си простите себеси. И за тоа, нормално, треба време. Но не заборавајте - само со трпеливо негување на љубовта кон себе, ќе се отворите за нова љубов.

Времето не може да биде изгубено

Сега кога ќе погледнете назад и ќе видите како „летнале“ тие години во една нездрава врска, веројатно лесно би ги ставиле во категоријата: изгубено време. И ќе погрешите - во тој период имало и убави моменти, сте откриле нови работи за себе, за другите луѓе и за светот. Сте созреале како личност и веројатно баш од најтешките моменти сте излегле како подобра и поголема личност. И, дали може да се каже дека тоа е „изгубено време“?

Запомнете го и доброто и лошото

Невролозите веруваат дека речиси 20% од луѓето патат од „комплицирана тага“. Станува збор за упорно чувство на „пекање“ по личноста со која повеќе не сме во комбинација со романтични сеќавања од врската. Проблемот е што станува збор за биолошка појава, па тоа патење кај луѓето може да стане и своевидна зависност, бидејќи притоа во мозокот се случуваат одредени хемиски реакции. Резултатот на тоа е од врската да ги памтиме сонувањата и илузиите кои самите сме си ги створиле. Се сеќаваме на тоа дека „некогаш сè беше идеално и дека нашиот партнер беше совршен“. Реалноста е многу поразлична - ниту партнерот, ниту вие сте совршени, ниту вашата врска. Сеќавајте се на убавите моменти, но не заборавајте ги и оние „помалку убавите“, колку и да ви е тешко.

Поврзете се со себе

Постојат луѓе кои не знаат да бидат сами, па влетуваат од една врска во друга. Не го преболеле стариот прекин, а веќе се префрлаат во нова врска. Ова е прилично опасно однесување со кое човекот се оддалечува од самиот себе - а познавањето и прифаќањето на себеси е главниот предуслов за квалитетна и здрава врска. Препорака: после прекинот на врската, дајте си време за преболување и за запознавање т.е. поврзување со самите себеси. Кога тоа ќе го направите, ќе бидете подготвени за нова здрава врска која ќе има подобра шанса да биде долготрајна и среќна од онаа од која што неодамна излеговте.

Коментирај