На почетокот на минатиот месец беше 957. тенисерка во светот, а синоќа го освои УС Опен. Слоун Стивенс во финалето ја совлада пријателката Медисон Киз (6:4, 6:0) и го заокружи сензационалното враќање на големата сцена откако една година закрепнуваше од повреда на стапалото.
Во мечот на двете добри пријателки кои се бореа за нивната прва Грен слем титула, во финалето на УС Опен каде за прв пат по 2002 година, кога Серена ја совлада сестра ѝ Венус Вилијамс, играа две Американки, Слоун Стивенс славеше по еден час и две минути игра.
Таа ја совлада 16-тата тенисерка во светот, 22-годишната Медисон Киз со 2.0 во сетови и сега во последните 17 мечеви има учинок од 15 победи и два порази. Моментално се рангираше на 83. место, но по оваа победа влегува во друштвото на најдобрите 20 тенисерки на светот на WTA листата.
Најдобра позиција имаше на 21 октомври, 2013 година кога беше 11-та.
Стивенс рутински ја извојува победата, а мала неизвесност имаше во првиот сет. Вториот сет беше „еднонасочна улица“ и за околу 24 минути Стивенс водеше со 5:0 и беше само прашање на време кога ќе дојде до титулата на УС Опен, односно нејзината прва Грен слем титула во кариерата.
„Ова се многу пари, боже мој!“, возбудено рече Стивенс кога ѝ го врачија чекот од 3,7 милиони долари за победата на УС Опен, а нејзината пријателка Киз на шега го фати чекот и ѝ рече: „Ќе ти го почувам“.
Киз не си замина со празни раце: за второ место таа доби чек за 1,8 милиони долари.