Европската Унија, Обединетото Кралство и САД ја санкционираа Русија поради нејзината агресија врз Украина. Но, и покрај тие санкции, Русија најде начин да ја одржи трговијата со Европа.
Американскиот институт Brookings, користејќи ги трговските податоци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), го мапираше извозот на неколку европски земји во азиските земји во последните години, за кои постои сомневање дека реекспортираат европски стоки во Русија. Тие земји се Ерменија, Казахстан, Грузија и особено Киргистан.
Киргистан е мала планинска земја во Централна Азија, која нема излез на море. Според Роберт Хачатрјан, основач и директор на американската логистичка компанија Freight Right Global Logistics, Киргистан се покажа како клучен за Русија во одржувањето на трговијата со ЕУ и покрај санкциите.
„Извозот на Киргистан во Русија нагло порасна - во 2021 година тој изнесуваше 393 милиони долари, додека во 2022 година изнесуваше 1,07 милијарди долари, што укажува на значително зголемување на трговската размена што го олеснува руското заобиколување на санкциите“, посочи Хачатрјан.
Растот на извозот на ЕУ во Киргистан е неверојатен - 95%. Ирина Цукерман, претседателка на безбедносната консултантска компанија Scarab Rising, истакна дека Киргистан е најефективната алатка на Русија за заобиколување на санкциите поврзани со увозот од ЕУ.
„Благодарение на санкциите, пристапот до производи со висока технологија стана тежок за Русија, а деловните трошоци се зголемија. Киргистан е исклучително зависен од Русија и има малку алтернативи во трговијата. Земјите како Киргистан, Казахстан и Ерменија станаа реекспорт центри кон Русија. Причината за тоа е што трговијата во рамките на Евроазиската царинска унија (ЕАЦУ) не е предмет на задолжителни царински декларации и инспекции“, објасни Цукерман.
Дополнително, како што истакна таа, тоа го олеснува протокот на руски производи во Европа.
„Со реекспортот од Киргистан, на руските потрошувачи им беше помогнато да можат да ги купат најновите автомобили, што ја ублажи економската болка и ги намали шансите за бунт против рускиот претседател Владимир Путин“, констатираше таа.
Потсети дека Киргистан поради својата географска положба е транзитна точка за транспорт на стоки меѓу Русија и Европа. Затоа, како што истакна таа, Русија инвестира во инфраструктурни проекти во Киргистан, меѓу кои се енергетските и транспортните проекти. Всушност, гореспоменатите инвестиции го олеснуваат реекспортот од Киргистан во Русија.
Вук Вуксановиќ од Истражувачкиот центар за надворешна политика на Лондонската школа за економија истакна дека Централна Азија е логичен пат со оглед на тоа што географски се наоѓа на раскрсницата меѓу Русија, Кина и Европа.
„Киргистан е еден од најискрените партнери на Русија во тој дел од светот. Таа е членка на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), која е предводена од Русија, и Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ). Земјата е без излез на море и е силно зависна од дознаките од Русија. Затоа беше логично Русија (во Киргистан) да бара други можности“, рече Вуксановиќ.
Тој смета дека проблемот е што ќе се најде нова земја од која ќе се реизвезува доколку Киргистан биде санкциониран. Дополнително, како што истакна, проблем е како да се санкционираат сите оние што се подготвени да прават бизнис со Русија, бидејќи повеќето земји во светот не се приклучија кон западните санкции.
Според Вуксановиќ, најголемиот проблем е што тоа немаше да се случи доколку немаше голем број европски земји кои сѐ уште се подготвени да работат со Русија, користејќи правни и логистички недостатоци.
Економистот и потпретседател на Литванската бизнис конфедерација, Мариус Дубниковас, посочи дека Русија преку Киргистан од Европа најмногу увезува машини, стоки и електронски уреди.
Институтот Brookings ги идентификуваше земјите како Германија, Полска, Литванија, Италија, Чешка и Србија како земји со зголемен раст на извозот во Киргистан по почетокот на војната во Украина.
„Русија добро ја познава логистиката на германско-киргистанската трговија и ги користи овие синџири на снабдување за да ги извезува своите производи во Германија. Понатаму, француските компании се вклучени во инвестиции во енергетскиот и производствениот сектор на Киргистан, а со тоа се впуштаат во бизнис со Русија“, објасни Цукерман.
Таа ја издвои Италија како земја која отворено тргува со Русија и има интереси во Киргистан, особено во земјоделството и текстилот. Од друга страна, како што наведе, во Италија се извезуваат руски земјоделски и текстилни производи, како и киргистански производи. Исто така, Холандија и Полска го зголемуваат извозот во Киргистан и го користат Киргистан за увоз од Русија.
Неодамна, извозот на Киргистан во Русија значително порасна во секторите како технологија, возила, козметика и други. Дотогаш, Киргистан главно извезуваше во Русија, како што потсети Мајкл Ешли Шулман, главен инвестициски директор на Running Point Capital Advisors, бакар, памучно предиво и гумени ткаенини.
„Но, најголемата загриженост е како Киргистан ѝ помага на Русија да увезе стоки што ги користи во војната против Украина, како што се кинески и германски автомобили, резервни делови за возила, топчести лежишта за тенкови и вагони и полупроводници. Според некои проценки, само 10% од увезените автомобили во Киргистан остануваат во таа земја“, нагласи Шулман.
Понатаму, како што наведе, во руската воена опрема има стотици производи од Европската Унија. Тој исто така посочи дека купувањето на руски метали во ЕУ всушност е зголемено од почетокот на агресијата против Украина.
Мајкл А. Вит, професор по меѓународен бизнис и стратегија на британската Бизнис школа „Кинг“, потсети дека санкционирањето на Киргистан ќе биде автогол. Имено, на овој начин, како што оцени тој, оваа земја би се свртила уште повеќе кон Русија и со тоа дел од глобалниот пазар би им се препуштил на другите земји.
„Така, Русија на крајот би го добила она што ѝ треба, само од друг снабдувач, а Европа би ја изгубила економската моќ во однос на Кина како геополитички ривал“, додава Вит.
Тој е на мислење дека има малку можности за контрола на извозот на уреди како што се апаратите за домаќинство, чии чипови можат да се пренаменат за воени цели.
Од друга страна, Цукерман повикува на санкционирање на европските компании кои избегнуваат санкции против Русија, како и санкционирање на киргистанските политичари, олигарси и компании. Покрај тоа, повикува на запленување на руски производи увезени во ЕУ, пишува Euronews.