Сите сме го почувствувале гневот од застој во сообраќај.
Тоа особено нервира кога причината е градежни работи на улиците што можело да се завршат во текот на ноќта, наместо среде бел ден кога повеќето од нас брзаат на работа. Работата на автопатите е посебен кошмар.
Швајцарците (а кој друг?!) измислија решение и за тој проблем.
Решението е мостот наречен Astra, развиен од Федералната канцеларија за патишта на швајцарската влада, кој ви овозможува да возите преку градежните работи на автопати. Високо мобилната и модуларна структура е слична на швајцарското војничко ноже, во смисла дека нуди повеќе функции во само една структура, пишува Interesting Engineering.
Швајцарското решение се однесува на зафати на автопатите кои секогаш се проблематични за возачите, особено во летните месеци. Работите често вклучуваат затворање на повеќе ленти за возачите, создавање сообраќајни тесни грла и намалување на вкупната брзина на сообраќајот.
Поставувањето на мостот Astra бара одредено затворање на патниот сообраќај. Но, ова може да се направи за време на викендот кога не се очекува многу сообраќај. Откако ќе се направи ова, повеќе делови од мостот може да се пренесат со камион и да се соберат преку ноќ за да се создаде надвозник што оди преку планираните градежни работи.
Структурата има рампи од двете страни за возилата да можат да се движат по прелетот без многу мака. Мостот Astra е нешто повеќе од 257 m долг и речиси 7,57 m широк.
Спецификациите на мостот бараат возилата да се движат со максимална брзина од 60 километри на час. Со оглед на тоа што сообраќајот тече преку мостот, работниците не мора да внимаваат на сообраќајот што доаѓа додека работите се во тек.
Мостот е висок 4,65 m и на работниците им дава доволно простор за работа под коловозот, притоа штитејќи ги од прекумерна топлина и дожд. Кога работата на делот е завршена, хидрауличните лифтови можат да го подигнат мостот за 10 см и да го поместат напред за да го преземат следниот дел од патот.
Исто така, мостот е компатибилен со широк спектар на возила, како што се автомобили, автобуси, камиони и трактори, што го прави идеален за инсталација секаде каде што се потребни работи на патишта.