Љубов и секс

Како социјалните мрежи може да ви ја уништат врската?

16. април 2018 - 15:03 | А.С.

Кога сте тазе влезени во врска сѐ ви е возбудливо и сакате целиот свет да знае колку ви е убаво. Денес, целиот свет значи сите ваши пријатели (и непријатели) на социјалните мрежи.

Го менувате статусот, објавувате фотографии, се чекирате на настани со хаштаг #најубаво. Сѐ е совршено во вашиот виртуелен свет.

Едно најново истражување на Havas Media покажа колку опсесијата со социјалните мрежи влијае врз животите на луѓето, конкретно на милениумците и припадниците на Генерација Z, и нивните љубовни врски.

68% од испитаниците ги користеле нивните профили на социјалните мрежи за да ги „шпиунираат“ поранешните партнери, а 72% сметаат дека социјалните мрежи може да им ги уништат или барем да им наштетат на врските.

Ова најверојатно се случува бидејќи социјалните мрежи на некој начин создаваат несигурност и раздор, а младите луѓе чувствуваат потреба да се претставуваат себе си и своите врски во најдобро можно светло, за да остават впечаток дека „имаат сѐ“, иако тоа не мора да е така во вистинскиот живот.

Ваквото однесување може да нанесе вистинска штета на врската. Ова се најчестите начини како социјалните мрежи може да ви ја поткопаат врската:

Социјалните мрежи се плодна почва за развивање нереални очекувања

Откако вашата врска е „public“ за остатокот од светот, почнувате да ја споредувате својата врска со врските на другите луѓе кои исто така „се рекламираат“ на социјалните мрежи. Си даваат подароци, одат на прекрасни патувања, објавуваат фотографии и снимки од романтични запросувања... Одеднаш се поставува прашањето „Зошто ние не сме вршени?“ или онаа мрачна помисла: „Се чини дека тие се позаљубени отколку што сме ние.“

Социјалните мрежи, особено Facebook, ја имаат таа „способност“ да ја поткопаат вашата самодоверба преку неповолна социјално-општествена споредба. Она што треба да го запамтите е дека секоја двојка и секоја врска се уникатни. И дека никогаш не знаеме што навистина се случува во животите на другите во нивната реалност зад профилот на Facebook. Милениумците конкретно имаат тенденција да си ги земаат овие „совршени врски“ при срце и како резултат на тоа имаат нереални очекувања и барања за партнерите.

Споделувањето не значи дека врската е успешна

Некои млади луѓе ја преценуваат важноста на тоа да се биде „официјално во врска на Facebook“ и активно да се споделуваат интимни моменти онлајн. Како што веќе кажавме, Facebook ја имаа таа способност да ја поткопуваат самодовербата на корисниците.

„Дали ме крие од роднините и пријателите?“, „Дали уште сака да се гледа со други луѓе и не сака тие да знаат дека е во врска?“ – ова се најчестите прашања што се раѓаат од таа несигурност што може да премине во параноја.

Истражувачите од универзитетот Нортвестерн дојдоа до заклучок дека луѓето кои чувствуваат несигурност во врската најчесто објавуваат содржини поврзани со партнерот на социјалните мрежи. Тоа што вие сте присутни насекаде на профилот на вашиот партнер не значи дека сте развиле здрава врска.

Социјалните мрежи поттикнуваат токсично однесување

Ако честопати се „фаќате“ како ги проверувате профилите на социјалните мрежи на вашиот партнер и проверувате кои му се нови пријатели, кој, што и како му/ѝ коментира и слично, вие не сте сигурни во својата врска и стравувате како тоа изгледа во очите на другите.

Истото важи и за проверување на инстант и СМС пораки. Ова е токсично однесување. Здравите врски се изградени на взаемна доверба, а ваквото однесување е целосна спротивност на тоа.

Многу е лесно да се флертува на социјални мрежи. Сѐ е полесно кога сте шармантни преку тастатура и зад екранот. Лесно се паѓа во „замката“ на наивното допишување што може да премине во опасен флерт и ве храни помислата дека не мора никогаш да се сретнете „во живо“ и сметате дека тоа не е изневерување. Ваквото однесување може сериозно да ја поткопа врската и довербата на партнерите. Според истражувањето на Paw Research, 8% од милениумците рекле дека ги вознемирува однесувањето на партнерот на социјалните мрежи.

Одржувањето на врската во денешно време е комплицирано. Партнерите се зафатени, под стрес во врска со работата или факултетот и многу е важно времето што го поминуваат заедно да биде квалитетно дружење. Не трошете време на шпиунирање, дешифрирање или „манијачење“, туку посветете се на здрава комуникација и отвореност со вашиот партнер. На тоа се базираат врските без разлика во какво време живеете.

Коментирај