Популарниот SUV модел го доби своето прво значајно дотерување.
Како што беше најавено, Kia го обнови Sportage и го претстави (засега) на корејскиот пазар. Обновениот модел не носи големи промени, но дефинитивно лесно ќе го забележите. Оригиналниот дизајн на моделот сега е подобрен со нови светла, изведени во согласност со стилот претставен на електричните модели од серијата EV.
Принципот е ист како кај обновениот Sorento, кој неодамна имавме можност да го тестираме. Збогатен со нова LED оптика, новиот Sportage се разликува само во поглед на графиката на светлата одзади, додека листата на визуелни новитети ја заокружуваат стандардните нови бои (Wolf сива и Heritage сина) и дизајнот на бандажи со дијаметар до 19 инчи.
Во кабината, Sportage добива нов дигитален кокпит со заоблен екран од 12,3 инчи. Нови се и отворите за вентилација, како и редефинираното амбиентално осветлување. Лесно може да се забележи и новиот, малку неконвенционален дизајн на воланот.
Списокот на опрема вклучува нов head-up дисплеј со можност за следење на возачот преку камера на воланот. Како и неговиот брат Tucson, овој SUV ќе има режим Baby & Toddler, во кој забрзувањето на автомобилот се чувствува помалку за да им биде поудобно на децата во седишта.
Во однос на механиката, најголемата иновација е отфрлањето на седумстепениот менувач со две спојки во корист на автоматиката со осум степени. Покрај бензинецот 1.6 турбо, достапни се и малку подобрени хибриди.
Почетокот на продажбата на обновениот Sportage го очекуваме на почетокот на следната година, со веројатно благ пораст на цените.