Камерите поставени на местото на ретровизорите до сега беа дел од концептните автомобили, но очекувањата се дека до крајот на годината ќе се појави сериски модел опремен со оваа технологија.
Според Automotive News првите автомобили кои ќе добијат мини камери како замена за гломазните ретровизори треба да се појават во Јапонија во текот на есента, со оглед на тоа дека властите го одобрија нивното користење на јавните патишта во сериски модели.
Засега е познато дека јапонскиот производител Ichikoh Industries веќе испорачува вакви ретровизори со камера, но засега не е познато за која автомобилска компанија се испораките.
Ichikoh Industries очекува до 2023 година дури 29 проценти од автомобилите на јапонскиот пазар да имаат камери место надворешни ретровизори. Системот се состои од мини камера поставена место класичното огледало, додека сликата се прикажува на екран во внатрешноста на автомобилот.
Според експертите предноста на оваа технологија во однос на класичните ретровизори е што освен атрактивниот изглед, ја намалува масата и отпорот на воздухот.