Останати спортови
ИИХФ У20 СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ХОКЕЈ НА МРАЗ

Канада е младински светски шампион во хокеј

6. јануари 2020 - 12:00 | Ф.З.

Младите канадски хокеари во драматично финале со 4:3 ги совладаа руските врсници и се искачија на светскиот трон.

Во финалето на Светското првенство во хокеј на мраз за играчи до 20 години се сретнаа двете најдобри светски хокаерски сили, Канада и Русија. Натпреварот се одигра во „Остравар Арена“ во Острава, Чешка.

Интересно, двете репрезентации беа и во истата група на овој Мундијал, а Русија тогаш ѝ го нанесе единствениот пораз на Канада и тоа понижувајќи ги со 6:0.

Канаѓаните сега се одмаздија. Во крајно неизвесен натпревар победија со 4:3 иако Русија водеше 0:1 и 1:3.

Дилан Козенс во втората третина израмни на 1:1, а во третата пресвртот дојде со головите на Конор МекМајкл, Барет Хејтон и Акил Томас. За Русите погодија Никита Александров, Григориј Денисенко и Максим Соркин.

Канада до дојде 18-тата титула во оваа конкуренција, а Русија остана на 13 злата, а сега дојде до истата бројка на загубени финалиња.

Во натпреварот за третото место славеа Швеѓаните кои со 3:2 ја совладаа Финска.

Домаќин на наредниот Мундијал во 2021 година е токму Канада.

Коментирај