Младата репрезентацијата на Македонија за играчи до 21 година на средината на јуни во Скопје ќе одигра два контролни натпревари против селекциите на Ерменија и Малта, па по тој повод денеска селекторот Драги Канатларовски го објави списокот со повикани фудбалери.
Двете контролки ќе се играат на тренинг центарот „Петар Милошевски“ на ФФМ, со почеток од 17:00 часот. Првиот дуел младите „Рисови“ го играат против Ерменија на 15-ти, а пет дена подоцна е втората контролка против репрезентацијата на Малта.
Селекторот Драги Канатларовски ги повика следните 25 фудбалери:
Голмани:
Марко Алчевски - Академија Пандев
Иван Николоски - Беласица
Васко Василев - Риу Аве (Португалија)
Стефан Тасев - Македонија ЃП
Одбрана:
Марио Ричков - Шкупи
Стефан Деспотовски - Работнички
Андреј Стојчевски - Жилина (Словачка)
Имран Фетаи - Гостивар
Решат Рамадани - Динамо (Украина)
Виктор Крстевски - Гостивар
Методи Максимов - Шкендија
Михаил Димитриевски - Брегалница
Средина:
Мартин Талаков - Железиарње (Словачка)
Иван Николов - Брегалница
Хамза Рамани - Силекс
Алекс Златков - Шкупи
Димитар Тодоровски - Работнички
Димитар Трајков - Академија Пандев
Ване Крстевски - Академија Пандев
Берат Калкан - Касимпаша (Турција)
Бехар Фета - Воска Спорт
Матеј Ангелов - Работнички
Напад:
Марио Илиевски - Кишварда (Унгарија)
Христијан Малески - Струга
Луан Абази - Вил (Швајцарија)
„Овие две контролни средби против Ерменија и Малта доаѓаат во еден незгоден момент, кога сезоната завршува и играчите привршуваат со клупските обврски. Нема големи промени во составот во однос на претходните собири. Повикани се играчите кои во последната година со својата професионалност, одлучност и голема желба за борба и докажување се наметнаа во оваа генерација на Македонија. Во составот се враќаат Алекс Златков од Шкупи и Луан Абази од Вил, кои поради повреди во своите клубови на минатиот собир не беа во можност да ѝ се стават на располагање на репрезентацијата“, дели селекторот Канатларовски, пренесува ФФМ.
Димитар Трајков, фудбалерот на Академија Пандев, роден 2004 година со своите игри во последно време на клупско ниво и постигнатите 6 погодоци заслужи да биде повикан на овие два контролни натпревари против Ерменија и Малта. Се работи за фудбалер кој игра на крилната позиција и покажува одличен квалитет.
„Очекувам сериозен пристап од моите фудбалери, иако се работи за пријателски натпревари. Ова се последни подготовки, очекувам сите поставени задачи од мене и стручниот тим да бидат исполнети, особено во тактичкиот дел од играта. Оваа репрезентација покажа голем квалитет и голема разновидност во самата игра. Очекуваме многу од оваа генерација, играчите се свесни и подготвени да го дадат максимумот за остварување на успех на претстојните квалификации“, додава селекторот.
Инаку, офанзивниот играч за врска, Лука Станковски, поради повреда (операција на менискус) нема да биде во можност да се стави на располагање на селекторот на овој собир.
Натпреварите против Ерменија и Малта ќе бидат последни проверки за нашите млади фудбалери пред септемврискиот почеток на квалификацискиот циклус за пласман на ЕУРО 2025. Младите „Рисови“ на 8 септември, на Денот на независноста, го имаат својот прв натпревар во овие квалификации и тоа на гости кај силната Шведска. Четири дена подоцна ќе пречекаат уште еден гигант - Холандија. Останатите противници во нашата група се Грузија, Молдавија и Гибралтар.
Инаку, селекторот на сениорскиот тим, Благоја Милевски, својот список за претстојните квалификациски натпревари против Украина и Англија ќе го соопшти на прес-конференција в четврток од 11 часот.