Славниот италијански тренер Фабио Капело во моментов е невработен и вишокот слободно време го поминува како гостин во ТВ-емисии во кои зборува за фудбал.
Кристијано Роналдо во вторникот сам го разби Атлетико Мадрид и го донесе Јувентус во четвртфиналето на Лигата на шампиони за оваа сезона. Цел свет му се поклони на неверојатниот Португалец, но претставата на Роналдо се чини не го импресионираше италијанскиот стручњак.
„Роналдо е извонреден фудбалер, но генијалецот е Меси. Во фудбалот има само тројца генијалци – Пеле, Марадона и Меси. Роналдо е исклучително силен, со него може да се освои сѐ, но Меси е генијалец и нешто сосема поразлично“, рече Капело за Sky Sports.
„Пред 20 години ги правеше истите работи како и денес бидејќи е роден генијалец. Тој измислува работи што другите не ги гледаат. Роналдо од себе си направи првак, но не и генијалец“, продолжи Капело со пофалбите за Аргентинецот.
Капело со Милан во 1994 година ја освои ЛШ, но за него може да се рече дека е легенда на Јувентус. За „старата дама“ има играно цели шест години (три титули првак), а како тренер ги донесе до две титули, кои подоцна му беа одземени на Јувентус поради аферата Калчополи.