Фудбал

Капитенот на Куба избега од репрезентацијата среде континентален турнир

20. јуни 2019 - 16:35 | К.З.

Кубанскиот стопер Јасмани Лопез (31) ја предводеше неговата репрезентација на Голд Купот – првенството на Северна, Средна Америка и Карибите, но побегна во САД веднаш по завршувањето на првиот натпревар.

Селекторот на Куба, Раул Медерос, ја потврди веста дека капитенот на репрезентацијата си заминал од кампот и ги оставил соиграчите „на цедило“.

Одлуката на Јасмани Лопез следувала по големиот пораз од 7:0 на Куба против Мексико во првото коло од Голд Купот. Натпреварот беше одигран во Пасадена, а Лопез најавил дека ќе ја напушти репрезентацијата веднаш по срамниот дебакл.

„Тоа беше одлука на Јасмани. Никој друг во репрезентацијата немаше никаков придонес кон неговата одлука, па ни јас. Самиот тоа го одлучи“, изјави селекторот Медерос.

Лопез е еден од најискусните играчи во составот на Куба и дебитираше во репрезентацијата во 2013 година, а оттогаш одигра 28 натпревари во националниот дрес.

Коментирај