Сепак не е сѐ во парите. Се чинеше дека превирањата во ПСЖ поминаа откако Нејмар им се извини на соиграчите, но во медиумите испливаа нови информации.
Француските и шпанските медиуми шпекулираат дека сопственикот на парискиот клуб, Насер ел Келаифи, буквално сакал да го купи мирот во соблекувалницата на ПСЖ.
Наводно, богатиот бизнисмен од Катар му понудил на Единсон Кавани 1 милион евра за да му го препушти изведувањето пенали на Нејмар.
Токму таа сума му е загарантирана во договорот на Уругваецот ако биде најдобар стрелец во француската прва лига, но тој одби да оди по линијата на помал отпор.
Јасно е дека во ПСЖ прават сѐ за да може Бразилецот платен 222 милиони евра да се чувствува како вистинска ѕвезда во тимот, бидејќи токму затоа дојде од Барселона, но ако сето ова е точно, се поставува прашањето колкава улога во тимот има тренерот Унаи Емери и дали некој воопшто го прашува кој ќе ги изведува пеналите.