Македонија

Казни за сопствениците на „Мис Стон“, ќе се дислоцираат и други бродови од каналот Студенчишта

20. ноември 2017 - 18:31 | Макфакс

Казни за излевањето на нафта од руинираниот брод „Мис Стон“ кој беше закотвен во каналот Студенчишта најавија денеска надлежните институции. Инспекторaтот и Kапетанијата на пристаништата ќе покренат соодветна постапка против сопственикот на бродот, а од каналот ќе треба да се дислоцираат и други бродови кои претставуваат опасност за езерото.

„Одговорност ќе има според Законот за внатрешна пловидба, бидејќи го третираме и делот на загадувањето. Овој брод веќе подолго време стои полупотонат во каналот. Неговите сопственици се некаде во странство. Надлежните инспекциски служби изготвија записник на лице место и ќе биде покрената соодветна законска постапка“, најави капетанот на охридската капетанија, Горан Устијаноски.

Во каналот има и други пловни објекти кои се руинирани, не се во возна состојба и условно преставуваат опасност за животната средина. Такви пловила има шест и ќе се направат напори да бидат дислоцирани од тоа место.

„Капетанија на пристаништата нема надлежност за да ги дислоцира меѓутоа во соработката со општината ќе побараме од сопствениците на пловилата да ги подигнат во некој определен рок или пак тоа ќе го стори државата а фактурите за подигањето ќе им бидат доставени до сопствениците“, додаде Устијаноски.

Бродот „Мис Стон“ денеска беше извлечен од каналот. Од него завчера се  излеале околу 20-30 литри нафта, што беше доволна причина да излезат инспекторите на терен.

По излевањето на нафтата вчера покрај претставници на локалната самоуправа и охридската Капетанија, на терен излезе и надлежниот Државен инспектор за животна средина од Охрид кој направи вонреден инспекциски надзор. Каналот беше третиран со специјални средства за разградување со цел да се спречат поголеми последици.

„Сабајле беше извршена една контрола, остатоци на нафта се утврдени само во некои делови, меѓутоа сетоа тоа е во рамките на траги. Уште еднаш денес ќе се изврши уште еден третман по што потпоплно ќе биде неутрализирана целата количина на нафта“, вели Устијаноски.

Коментирај