Хари Кејн урна рекорд во Бундеслигата кој беше во сопственост на Ерлинг Халанд.
Англичанецот постигна хет-трик против Аугсбург во синоќешната победа од 3:0, со што стана играч на кој му требаа најмалку натпревари за да стигне до 50 гола во германското првенство.
Два добро изведени пенали и гол во 5. минута од судиското надополнување беа голови број 48, 49 и 50 за Кејн во Бундеслигата. За тој подвиг му беа потребни 43 натпревари.
На Норвежанецот Халанд за да дојде до рекордот му беа потребни 50 натпревари. Од Бундеслигата Халанд замина со 64 постигнати голови на 62 одиграни натпревари.
Најдобриот стрелец во историјата на англиската репрезентација (69 гола на 103 натпревари) и во историјата на Тотенхем (280 гола на 435 натпревари), вториот стрелец во Премиер лигата на сите времиња (213 гола на 320 натпревари) и сега рекордер во Бундеслигата, во кариерата има постигнато 440 голови, а сѐ уште нема освоено ниту еден трофеј.