Кошарка

Кевин Дурент би можел да отсуствува цела година поради повреда

12. јуни 2019 - 14:11 | К.З.

Најлошите стравови околу повредата на Кевин Дурент само што се потврдија: тој не ја обнови старата повреда на листот, туку ја повреди Ахиловата тетива, што може да се покаже како клучен момент за неговата понатамошна кариера.

Снимките кои ќе бидат направени денеска ќе ја покажат целосната ситуација околу повредата на Дурент, но постои страв дека се работи за скината Ахилова тетива – ист тип на повреда која го оддалечи Демаркус Казнс од терените скоро цела година.

Двократниот МВП на финалето се повреди во петтиот натпревар од финалната серија против Торонто Репторс, кој го заврши со 11 поени во 11 минути, пред да биде изнесен од теренот поради болки кај тетивата.

Доколку се покаже дека е скината Ахиловата тетива, тоа значи дека Голден Стејт Вориорс, Кевин Дурент, па и останатиот дел од НБА лигата ќе биде многу претпазлив во текот на ова лето, кога му истекува договорот на двократниот шампион и еден од главните алки на оваа шампионска генерација на Вориорс.

Тој денеска ќе отпатува во Њујорк, каде ќе му бидат извршени снимки и тестови за да се утврди природата на повредата. Во најлош случај, Дурент веројатно ќе пропушти повеќе од половина година, можеби и цела наредна сезона, додека во најдобар случај ќе се врати веќе на почетокот на следната сезона.

„Мислам дека не може да обвиниме никого за повредата, но го разбирам овој свет. Ако морате, можете да ме обвините мене бидејќи јас сум задолжен за работите поврзани со кошарка во овој клуб“, изјави веднаш по натпреварот Боб Мајерс, претседателот за кошаркарски операции на Голден Стејт Вориорс.

Коментирај