Поранешната шампионка на Вимблдон и Ролан Гарос, Романката Симона Халеп е исфрлена од списокот на играчи за УС опен кој започнува следната недела.
31-годишната Халеп автоматски беше отстранета од списокот за влез во понеделникот - само една недела пред почетокот на турнирот - поради суспензија за допинг.
Халеп беше привремено суспендирана на речиси една година, почнувајќи од октомври 2022 година, откако беше позитивно тестирана на забранетата супстанција роксадустат на минатогодишниот УС опен.
Сепак, поранешната шампионка на Ролан Гарос ги отфрли обвинувањата дека свесно ја земала супстанцијата и тврди дека направила десет тестови по нејзиниот позитивен резултат, од кои сите се негативни. После тоа, во мај биле откриени неправилности во нејзиниот биолошки пасош.
Американската тениска асоцијација објави дека двократната добитничка на Грен слем ќе биде заменета со Американката Тејлор Таунсенд во главната жрепка на турнирот кој започнува за една недела.
„Јас сум поборник за чист спорт и отсекогаш сум била против допингот. Немам поим каде и како сум ја консумирала таа забранета супстанција“, тврдеше тогаш поранешната шампионка на Вимблдон и Ролан Гарос.
Халеп рече дека испратила докази за контаминација до Меѓународната тениска федерација во декември и се надева дека нејзиниот случај ќе биде сослушан од независен трибунал во февруари, но тоа е одложено, а новиот датум во март, исто така, е одложен.