Откако го играше таткото злоставувач во Monsters: The Lyle and Erik Menendez Story на Netflix, Хавиер Бардем ќе го игра негативецот во друга телевизиска серија.
Порталот The Hollywood Reporter потврди дека Хавиер Бардем ќе го игра убиецот Макс Кеди во трилер серијата Cape Fear. Серијата е римејк на истоимените филмови од 1991 и 1962 година засновани на романот The Executioners од Џон Д. Мекдоналд.
Филмот од 1962 година го режираше Џејмс Р. Веб, а оваа верзија на приказната на негативецот Макс Кеди ја глумеше Роберт Мичам. Римејкот од 1991 година го режираше Мартин Скорсезе (откако Стивен Спилберг го напушти проектот), а Роберт де Ниро го играше Макс Кеди.
Сценариото за претстојната серија го пишува Ник Антоска, креаторот на крими-сериите A Friend of the Family и The Act, а извршни продуценти се Скорсезе, Спилберг и Бардем.
Серијата од 10 епизоди ќе биде сместена во 21 век и ќе ја истражува опсесијата на Америка со криминалци и криминални приказни. Иако Антоска воведува некои промени во приказната, центарот на дејствието и понатаму ќе бидат адвокатите Аманда и Стив Боуден, чија брачна идила е уништена од веста дека е ослободен Макс Кеди, опасниот убиец од нивното минато.
Серијата Cape Fear ќе се прикажува на стриминг сервисот Apple TV+ и е продуциран од UCP и Amblin Television.
Покрај серијата Cape Fear, Бардем моментално работи и на филмот за трки со спортски автомобили на Apple, Насловен F1, со Бред Пит во главната улога.