Свет

Кина бара извинување од дански весник поради карикатура за корона вирусот

28. јануари 2020 - 15:52 | А.С.

Кинеската амбасада во Копенхаген побара од најтиражниот дански весник Jyllands-Posten јавно да се извини за објавената карикатура за новиот корона вирус која ја сметаат за навреда за Кина.

Весникот објави карикатура на кинеското знаме во која на местото на ѕвездичките беа нацртани пет симболи на вирусот.

„Изразуваме огромна огорченост и бараме од Jyllands-Posten и карикатуристот Нилс Бо да си ја признаат грешката и јавно да се извинат на кинескиот народ“, стои во барањето на Кинеската амбасада.

Понатаму се вели дека со оваа карикатура, авторите и уредниците ја преминале долната граница на цивилизираното општество и етичките граници на слободата на говор, навредувајќи ја човечката совест.

Главниот уредник на весникот изјави дека не им била намерата да ја исмеваат или да ја навредат Кина.

„Не можеме да се извиниме ако сметаме дека не сме направиле ништо лошо“, рече уредникот.

Данскиот медиум и порано се соочувал со критики и осуда поради објавени карикатури, како во 2005 година кога објави 12 карикатури на пророкот Мухамед, што предизвика бурни реакции во арапските земји и дипломатска криза.

Карикатурата на кинеското знаме беше објавена во вчерашниот број, со наслов „Корона вирус“.

Коментирај