Наука

Кинеска вселенска станица ќе се сруши на Земјата за неколку месеци

13. октомври 2017 - 10:12 | К.З.

Кинеската вселенска станица Тиангонг-1, тешка 8,5 тона, го забрзува падот на Земјата, а контакт со тлото на нашата планета ќе воспостави за неколку месеци, пренесува Guardian.

Тиангонг-1 или „Рајска палата“ е пратена во Земјината орбита во 2011 година и е опишана како политички симбол на Кина во вселената. Користена е со и без екипаж, а влезе и во историјата како станица во која беше сместена првата жена астронаут од Кина.

Сепак, во 2016 година владата од Пекинг соопшти дека комуникацијата и контролата над станицата е изгубена, и дека таа ќе се сруши некаде помеѓу 2017 и 2018 година. Кинеската вселенска агенција додатно ги извести ОН дека станицата ќе се сруши некаде помеѓу октомври 2017 и април 2018.

Со оглед на тоа дека орбитата на Тиангонг е сѐ пониска, последните неколку недели почна да влегува во густите делови на Земјината атмосфера, што предизвика да се забрза нејзиниот пад.

„Моменталната најниска точка е 3.000 километри над тлото на Земјата. Очекуваме да се сруши на крајот на оваа или почетокот на наредната година“, изјави астрофизичарот Џонатан Мекдауел.

Иако се предвидува дека станицата ќе изгори додека се пробива низ атмосферата, Мекдауел вели дека делови тешки и до 100 килограми сепак ќе паднат на Земјата. Шансите дека некој ќе загине или ќе биде повреден се мали, но Кина сепак најави дека ќе ги извести ОН пред конечниот пад да започне.

Мекдауел вели дека сепак ќе биде тешко да се утврди времето и местото на паѓање, и дека за тоа ќе мора да се чека само на неколку дена пред самиот пад.

Коментирај