Кина ги објави првите фотографии од Марс кои ги направи нејзиниот ровер Zhurong.
Првата фотографија ја прикажува панорамата пред роботот кој се наоѓа на платформата за слетување, а на другата фотографија се гледаат соларните панели на роверот.
Zhurong на Црвената планета слета рано наутро во недела според времето во Пекинг, а со тоа Кина стана втората држава која успешно спушти ровер на површината на Марс.
Кинеските научници се надеваат дека роверот ќе биде функционален најмалку 90 дена. Кинеската национална вселенска администрација CNSA објави фотографии на својата интернет страница, како и кратки видеа од моментот кога роверот ја напушта орбитата на сателитот Tianwen-1.
За разлика од американскиот, кинескиот ровер има ласерски алат кој овозможува проценка на хемискиот состав на карпите, но има и радар за барање заледена вода под површината.