Чек дис аут

Кинезите возбудени откако се појави чудовиште „а ла Лох Нес“

17. септември 2019 - 12:27 | Ф.З.

Нешто демне од длабоките води на најголемата река во Азија, а Кинезите се надеваат тоа е нивната Неси.

Деновиве во водите на реката Јангце е забележано како плива долго и црно суштество за кое сѐ уште не се знае што всушност претставува. Токму мистеријата ги подгреа надежите кај Кинезите дека тоа е нивната Неси, пандан на шкотското чудовиште од езерото Лох Нес.

На бреговите на градот Јичан на западот од провинцијата Хубеи дури и е направена видео снимка од чудовиштето како плива во реката.

Видеото е поставено на кинеската мрежа Weibo и можете да го погледнете со клик тука.

Шпекулациите се нормално секакви. Дека станува збор за огромна змија, дека воопшто не се работи за живо суштество, дека е ново и досега неоткриено суштество и нормално, онаа најпопуларната, дека е чудовиште од времето на диносаурусите.

Реката Јангце е најголема на азискиот континент со 6.300 километри и е трета најдолга на светот. Големото загадување на нејзините води во последните децении придонесе драстично да се намали екосистемот, па е малку веројатно дека таму се појавил некој нов вид. Најголемото познато животно кое живее во водите на оваа река е кинескиот саламандер чија големина може да достигне најмногу 1,8 метри.

Коментирај