Кошарка

Ќе има промени во НБА, можеби ќе се смени форматот на лигата

20. февруари 2018 - 17:37 | К.З.

Комесарот на НБА лигата, Адам Силвер, веднаш по Ол-Стар викендот одговори на неколку новинарски прашања и навлезе во теми кои ги интересираат фановите на кошарката.

Со промените на форматот на Ол-Стар натпреварот, ова ново раководство на лигата предводено од Адам Силвер покажа дека промени се добредојдени, но само ако тоа значи зголемување на квалитетот и интересот за лигата.

Едно од најважните прашања за кои беше дискутирано овој викенд е тоа дали НБА лигата треба да ги задржи Источната и Западната конференција или да бара некаква друга опција која ќе донесе поголема неизвесност во плејофот или едноставно, ќе предизвика повеќе интерес.

Во овогодинешниот Ол-Стар сите играчи беа измешани во тимовите, без разлика од која конференција доаѓаат, па тоа предизвика многу прашања околу тоа дали НБА лигата треба да се движи кон потрадиционален начин на натпреварување во кој најдобрите 16 тимови ќе одат во плејоф разигрувањето, а не топ осумте тимови од двете конференции.

„Во моментов она што го спречува имплементирањето на оваа измена е времето и патувањето. Играчите и онака патуваат големи километражи во текот на една сезона, а секој од тимовите игра по 82 натпревари во регуларната сезона. Ако успееме да најдеме начин на кој ќе го решиме овој проблем, ќе го разгледаме ова прашање одново. Ќе почнеме разговори за продолжување на сезоната, со што на тимовите ќе им се даде доволно одмор за да можат да ги издржат сите овие патувања“, рече Адам Силвер на прес-конференцијата.

Секоја година најголемите критики доаѓаат од страна на фановите кои се незадоволни поради тоа што нивниот тим не учествува во плејофот, иако според победите се наоѓа во најдобрите 15 тимови во лигата. Ова е особено случај во Западната конференција, каде тимовите се посилни од оние во Источната и најчесто имаат подобар скор.

Коментирај