Кошарка
КОШАРКАРСКА ПРВА ЛИГА 2019/20

КК Гостивар на одмор, странците си заминаа

18. март 2020 - 8:32 | Зоран Маџоски / МИА

Неизвесноста околу продолжување на државното првенство во првата кошаркарската лига заради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, доведе до предвремен одмор на играчите на КК Гостивар 1954. Поголемиот дел од екипата доби дозвола да се вратат матичните земји и градови.

Шефот на стручниот штаб на гостиварскиот прволигаш, Марјан Србиноски за МИА изјави дека последниот тренинг се одржал во четвртокот, а непосредно по објавувањето на владините препораки ги откажал и натамошните тренинзи.

– Ситуацијата е таква, нема закажани натпревари и не се одржуваат тренинзи, нема натпревари. По објавените мерки заедно со управата „странците“ ги ослободивме од обврските и доколу сакаат, да се вратат во матичните држави. Истото го сторивме и со домашните играчи. Кога ќе ги повикаме, засега е неизвесно, бидејќи не може да се предвиди кога ќе стабилизира состојбата. Ќе ги чекаме натамошните инструкции на КФМ, друго ништо не ни преостанува, изјави Србиноски.

Тој е дециден дека овој прекин ќе влијае негативно врз формата на играчите и амбициите на клубот кои беа зцртани за оваа сезона, но како што вели здравјето на играчите е поважно.

Од Гостивар, деновиве отпатуваа Американците Малком Армстед, Донован Доналдсон и Ентони Ли, а за Нови Сад (Србија) замина Ѓорѓе Ѓелетовиќ. Останатите македонски играчи исто се вратиле во матичните места.

КК Гостивар вложи во засилувања за оваа сезона и оствари скор од 12 победи и пет порази со 29 бодови, со што е на третата позиција на табелата.

КФМ минатата недела издаде соопштение во кое заради состојба со појавата и ширењето на коронавирусот (COVID-19) и препораките на Владата на РСМ и Светската здравствена организација, објави дека сите натпревари во организација на федерацијата од четврток, 12 март 2020 година, се одложуваат на неодреден временски период. Со оглед дека е неизвесно продолжувањето на натпреварувачката сезона, од странците се разделија и МЗТ и Работнички.

Коментирај